И покрај бројните акции на надлежните институции за подигнување на отпад од охридските населби, сепак поединци и натаму истиот го одлагаат на несоодветни локации. Залудни се апелите на екологистите и граѓаните, кои предупредуваат дека во Охрид секојдневно никнуваат нови мини-депонии на простори кои не се уредуваат и припаѓаат на приватни и физички лица, а ја нагрдуваат сликата за Охрид како туристичко место.

За лошите навики и ниската еколошка свест на поединци, сведочат низа фотографии направени низ повеќе делови од градот, но и бројни реакции кои охриѓани ги испраќаат до медиумите. Со ваков проблем се соочуваат жителите од населбата „Далјан“, кои бараат уредување на просторот на самиот влез од градот.

Сопствениците на приватни имоти мораат да бидат опоменати и приморани од надлежните, да ги уредат своите простори. Кога се движите по стариот пат од Струга, на самиот влез во Охрид и долж улицата расфрлан е кабаст отпад, градежен шут и што уште не. Мислам дека едно туристичко место на заслужува ваков однос од поединци. Нека излезе комуналната инспекција на терен и самата нека се увери во каква околина живееме.“ – вели револтиран граѓанин од охридската населба „Далјан.“

Сличен проблем има во централното градско подрачје, а дел од граѓаните сметаат дека сопствениците на приватни објекти треба да плаќаат надоместок за оддржување на јавниот простор.

Како туристичко место, приоритет треба да ни биде високата еколошка свест, а не расфрлано ѓубре. Тука ви е старото охридско кино, синоним за депонија. Слично е и долж улицата „Димитар Влахов“, 100-тина метри пред пресекот со „Македонски просветители“. Сето тоа се приватни имоти, кои со години се запуштени, а никој досега не реагирал.“  – потенцираат охриѓани.

Иако ЈП „Комуналец“ не е обврзано да ги уредува јавните површини кои се во приватна сопственост, сепак во изминатата 2013 година, екипите на ова јавно претпријатие на сопствен трошок реагираа на неколку локации во централното градско подрчаје како што е просторот во близина на студентскиот дом „Никола Карев“, долж улицата „Македонски Просветители“ и кај поранешниот дописен центар на МТВ.

Неодамна, локалната самоуправа ги предупреди несовесните граѓани, кои не го почитуваат законот за јавна чистота, дека против нив ќе бидат применети остри законски санкции.

O.T.