Зајаци, хрчаци, гулаби, кокошки, папагали, заморчиња- беа дел од мини изложбата на украсни птици и домашни миленици кои денес се одржа во дворот на централниот објект при охридската градинка „ Јасна Ристеска“, а во организација на членови на Здружението „ Дијамантски петел“.
Најмладите имаа можност да ги разгледаат, им се воодушевуваат и да научат нешто повеќе за птиците и животните кои некои од нив за прв пат имаа можност да ги видат.
– Идејата е да ја развиеме свеста на најмладите за птиците и животните. Ова е пилот проект и се надевам дека ќе продолжи и во другите градови, изјави Тане Србиноски, одгледувач на украсна живина и од неодамна и државен судија за гулаби.
Директорката на градинката Розе Костоска вели дека со воодушевување ја прифатила идејата на Србиноски.
– Оваа иницијатива секако беше добредојдена, може да се забележи на лицата на децата колку се среќни , бидејќи имаат можност да се запознаат со многу видови птици и животни кои досега немале можност да ги видат . Ги прошируваме видиците, сознанијата на децата, љубовта кон животните и птиците и се надеваме дека со тоа кај нив ќе развиеме и желба да имаат и свое милениче, бидејќи кај оној што милува се прошируваат и емпатијата и емоциите, рече Костоска.
На изложбата присуствуваше и претседателот на неодамна формираниот Сојуз на здруженија- одгледувачи на украсни птици и животни, Ванчо Илиевски од Тетово кој потенцира дека со денешната изложба на најмладите од најрана возраст ќе им се покаже дека во Македонија има навистина убави нешта кои природата ги создала.
Т.К.