Избраниците на охридскиот фудбалски стратег Драган Бочески во Охрид го претрпеа вториот пораз. По кратовчани, поуспешни од кичевски Напредок беа фудбалерите на Корзо со минимални 1-0. Стрелец на победничкиот погодок беше Мижоров во 18-та минута од натпреварот.


Заморот од напорните подготовки ги стигна кичевчани, а тоа максимално го искористија фудбалерите на Корзо кои наметнаа своја игра.


По контра нападот на корпулетниот Гешовски, одлично на втора статива го пронајде Мижоров, кој со глава го совлада Пашовски за водство од 1-0.

До финишот на полувремето Напредок имаше прилики за погодок но ударите на Цветаноски и Вренцоски не го пронајдоа патот до противничката мрежа.


Во вториот дел Бочески им даде шанса на сите фудбалери, а фудбалерите на Корзо имаа мотив до небо да слават победа над четвртопласираниот тим во Првата лига.


На најдобар можен начин со победа над прволигаш, Корзо ги заврши подготовките во Охрид и од утре ќе продолжат во Прилеп.

Мх.П.