Општина Охрид има наследени долгови кои се обидува да ги врати и обврска на Владата е да и помогне да го реши овој проблем и да и овозможи влез во втоа фаза од процесот на децентрализација, изјави министерот за локална самоуправа Невзат Бејта при денешната посета на охридската локална самоуправа.


Невзат Бејта – Министер за локална самоуправа

Бејта најави дека состојбата во која се наоѓаат шесте општини кои сеуште немаат влезено во втора фаза, меѓу кои е и Охрид, ќе ја изнесе на седница на Владата, изразувајќи оптимизам дека согласно законските обврски и механизмите кои им стојат на располагање на институциите ова прашање кое се провлекува веќе шест години ќе се реши.

-Тоа е наша законска обврска, а тоа од нас го бара и Европската унија, но што е најважно тоа е во интерес на граѓаните, истакна Бејта, според кого темелите на демократијата во Македонија почиваат на децентрализацијата.

Министерот Бејта најави дека ќе се залага осумте плански региони во државата конечно да ги добијат со закон загарантираните средства од буџетот во висина од 1 процент, со што ќе се поттикне локалниот економски развој.


Петрески верува во Бејта

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески е оптимист дека новиот министар за локална самоуправа ќе ги реши успешно проблемите на општините, бидејќи, како што рече, тој е поранешен успешен градоначалник кому состојбите во локалните самоуправи му се добро познати.

Петрески посочи дека општина Охрид ги има исполнето потребните услови за кредитно задолжување во висина од 4,5 милиони евра за сервисирање на наследените долгови од минатото, посочувајќи дека сега се зависи од политичката волја на Владата.

-Донесовме три одлуки на Совет, избрана е и најповолната понуда од банките и неразбирливо е за мене што сеуште не е потпишана согласноста за кредитно задолжување, бидејќи Владата е таа која ги носи законите и не ги почитува, рече Петрески.


Градоначалникот на Охрид ги поздрави најавите на министерот Бејта за распределба на средства од буџетот на општините, кои според него треба да сами да одлучуваат кои проекти ќе се финансираат со народни пари, а не министертсвата.

Г.М.