Во понеделник, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, ќе оствари работни средби со градоначалниците на општините Охрид и Дебрца, Јован Стојаноски и Зоран Ногачески, при што ќе стане збор за развојните можности и приоритети на споменатите единици на локална самоуправа во контекст на процесите на децентрализација и регионален развој. Учество во разговорите ќе земат и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, претседателот на Советот за развој на Југозападниот плански регион, Рамиз Мерко и  раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска.

Во рамките на посетата на Дебрца и Охрид, министерот за локална самоуправа, Фазлиу и директорот на Бирото за регионален развој, Реџепи, ќе извршат увид на изведените работи на објектите и другата изведена инфраструктура во рамките на регионалните проекти имплементирани од страна на Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, во партнерски однос со Општина Дебрца и Општина Охрид.

Во Волино, во рамките на проектот Изведба на енергетско-ефикасни објекти, целосно е реконструиран објектот на заедницата за потребите на локалното население, а во Охрид заокружени се интервенциите на кровната конструкција на детската градинка Развигорче, со што значајно се подобрени условите за престој на најмладите во оваа претшколска установа.

Во Охрид, во самото градско јадро, изградена е пешачката патека во должина од 325 м, од Саат кулата до ОУ Климент Охридски, со што значајно се подигнува квалитетот на уреденост на Калето, а истовремено се збогатува нивото на туристичката понуда за посетителите чија најчеста дестинација е стариот дел на градот.

За реконструкцијата во Волино и Охрид, како и за изведената пешачка патека, инвестирани се 8,5 милиони денари, средства што се обезбедени од Буџетот на РМ, преку Програмите за регионален развој. Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион е единствен од мрежата на осумте вакви институции во државата кои успеа навремено да ги реализира предвидените активности во рамките на три регионални проекти чија вкупна вредност е околу 26 милиони денари. Покрај изведба на енергетско-ефикасни објекти и патна инфраструктура,  дел на средства беа издвоени и за подготовка на техничка документација за потребите на 9-те општини што влегуваат во состав на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион.

OhridNews