Министерот за локална самоуправа, Невзат Бејта во петок ќе го посети Центарот за развој на југозападниот плански регион во Струга.

Освен работната средба со претставниците на центарот министерот Бејта ќе присуствува на симболичното примопредавање на 402 контењера за отпад од хартија и пластика, кои се дел од заедничкиот проект на општините од регионот.

-Проектот за набавка на контењери е во согласност со Националната стратегија за рамномерен регионален развој на Република Македонија и е дел од приоритетот за развивање на современа и модерна инфраструктура во планските региони. Основните цели на проектот се подигнување на јавната свест за селектирање на пластичниот отпад  и хартија и иницирање на почетна фаза на итегриран менаџмент на цврстиот отпад во југозападниот регион, стои во појаснувањето за проектот.

Проектот ќе се имплементира во Струга, Охрид, Вевчани, Дебрца, Другово, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Пласница, Вранештица, Македонски Брод, Осломеј и Зајас.

OhridNews