Министерот за надворешни работи, Никола Попоски денеска ги посети триесеттината деца од македонски иселеници од  соседните држави кои се дел од Летниот камп „Ја сакам Македонија“ во Охрид, во чии рамки го изучуваат македонскиот јазик. Тие покрај интензивниот курс по македонски јазик, имаат можност да дознаат повеќе и за македонска култура и историја која им се предава од страна на  предавачи од Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, а во рамки на седумдневната програма, децата имаат можност да ги посетат и културно–историските знаменитости во Охрид и охридското крајбрежје. 

 

Со цел во иднина да се постигне продлабочување и проширување на знаењата како и зближување на учениците припадници на македонското национално малцинство, Попоски за идната година најави дека  „Летниот камп“ ќе биде надополнет со ученици Македонци од сите земји со поголеми македонски заедници.

– Во овој проект мошне добро се вклопува и европската димензија, оттаму што наша цел и на сите наши соседи е замјите од регионот да бидат дел од ЕУ, каде границите нема да ја имаат онаа тежина што ја имаат денес. На овој начин мислам дека им се отвараат дополнителни врати, повеќе можности да бидат просперитетни и успешни како возрасни луѓе. Од тој аспект овој начин на поврзување, меѓусебното и запознавањето на татковината е додадена вредност која во иднина сигурно ќе им се исплати, рече министерот Попоски.

„Летниот камп“ , кој е дел од владиниот проект „ Далеку, а блиску“, во Охрид се одржува во организација на Министерството за надворешни работи. Целта на одржувањето е приближување на сите граѓани кои имаат македонско потекло, а особено најмладите и создавање долгорочни врски меѓу нив.

OhridNews