Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ, денес посети дел од претпријатијата во Охрид. Како што потенцира министерот, целта на посетата е да се поддржи домашното производство и узвозот и да се презентираат мерките кои владата ги презема во таа насока.

– Бевме во посета и на АД Жито Леб каде разговаравме за развојните планови, проблеми, а при тоа  ги запознавме претставниците на претпријатието со новите мерки кои што владата ги предвидува за домашните инвестиции во рамки на проектот на владата за изедначување, поттик и поддршка на домашните инвестиции, изјаву Шапуриќ при посетата на пекарскиот бренд Жито Леб, каде се запозна со работата на компанијата која покрај производството за домашниот пазар е и извозно ориентирана..

Претставниците на компаниите се запознаваат со мерките од кои дел се однесуваат на инвестиции во фабрички хали, опрема каде владата по завршната сметка дава 10% помош, но и во нови вработувања со повисоки плати од околу 18.000 денари каде максималната годишна поддршка за период од 5 години е 4000 евра по вработен.

Услов е нововработениот по прв пат да се вработува, или да бил одредено време под Агенцијата за вработување или да е преземен од компанија во стечај или од администрација. Ќе бидат поддржани и одредени активности во однос на подготовката на извозот, околу потребните сертификати, истражувачки развојни лабораториски центри каде ќе можат да имаат поврат на дел од тие средства, за што ќе се аплицира. Законот за државна помош е готов, се расправаше за мерките и во вторник се очекува да биде усвоен од владата и после во собрание, па до крај на јуни, компаниите ќе може да аплицираат по завршна сметка. Но, со ниту една од мерките не се предвидува ослободување од плаќање придонеси, потенцира министерот Шапуриќ.

Во текот на средбите, од страна на стопанствениците било побарано да се забрзаат административните процедури, се разговарало за повратот на ДДВ-то, како и за намалување на казните.

Посетата на министерот Шапуриќ на охридските компании е во рамки на низата средби кои се реализираат во неколку градови од Македонија. За наредниот период министерот најави дополнителни средби со стопанствениците, но и со претставниците од локалната самоуправа и градоначалникот.

OhridNews