По денешната прес конференција на здружението на граѓани „Совест“ со соопштение до јавноста се огласи и министерството за култура. Оттаму, информираат дека е формирана комисија од стручни лица, која ги испитува сите околности во однос на реконструкцијата на Али Пашината џамија.

Работната група дојде до заклучок дека министерот за култура нема основа да ги запре работите, но ги охрабруваме сите надлежни институции да постапуваат доколку имаат индиции за прекршување на законските процедури, велат од министерството. Оттаму, додаваат дека работната група препорачала, а Министерството ќе достави барање до УНЕСКО за стручно мислење-дали е во склад со стандардите за заштита на градот да се реконструира објектот во такви димензии.

Министерството за култура нагласува дека нема ништо против обновувањето и заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги тука и верските објекти, но дека тоа треба да се спроведува во законска процедура, почитувајќи ги сите прописи и постапки што се однесуваат на заштитување на објекти со историско значење.

ПОтсетуваат дека слободата на вероисповед е загарантирана со Уставот на РМ, а дека заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги историските верски објекти без оглед на религијата на која и припаѓаат, е врвен приоритет.

OhridNews