Министерот за образование и наука Арбер Адеми на денешната прес конференција ги повика училиштата и вработените да се подготват за утрешниот прв училишен ден, кој како што рече, е особено значаен за првачињата.

  • Низата крупни промени кои Министерството за образование и наука со силна поддршка од засегнатите општествени чинители и бројни стратешки партнери ги креираше во изминатиот период во рамки на процесот на унапредување на квалитетот на националниот образовен систем, а кои стапуваат на сила од оваа учебна година, даваат силна верба дека овој почеток ќе биде поинаков од сите претходни, рече Адеми.

Тој потсети на усвојувањето на новиот закон за основно образование за кој кажа дека во голема мера овозможува унапредување на правата и можностите за наставниците и учениците.

  • Искрено се надевам дека тоа што како институции на системот ги направивме, во насока на унапредување на општествениот статус и материјалната состојба на просветните работници, каде особено ќе го потенцирам покачувањето на платите за повеќе од 10 отсто, за само една година, ќе ја поттикне мотивацијата за работа и задоволството од работниот однос во училиштата. Тоа пак ќе резултира со уште поголем успех во работата кој ќе се огледа преку квалитетот на генерациите кои се градат и создаваат, посочи министерот Адеми.

Од друга страна СОНК останува на одлуката за предупредувачки штрајк кој ќе биде одржан утре. Како што оттаму наведуваат, наставниците и професорите од основните и средните училишта ќе дојдат на своите работни места, но нема да ги прифаќаат учениците на настава. Од СОНК велат дека наставниот кадар ќе престојува во просториите  предвидени за штрајк, а во училиштата нема да се одржуваат никакви активности.

Од СОНК се незадоволни од покачувањето на платата на наставниот кадар од 5% и бараат тој да биде усогласен со покачувањето на минималната плата во земјава, односно до 25%.