Продолжува префрлањето на одговорноста за тоа кој е надлежен за одржување на комуналната хигиена на охридското крајбрежје, особено на деловите кои не се даваат под концесија.

Според министерството за транспорт и врски тоа исклучиво е обврска на локалната самоуправа.

Чистењето на јавните површини, како што се плажите и кејот е уредено со Законот за јавна чистота и министерството за транспорт и врски неколку пати апелираше до градоначалникот на општина Охрид да ги извршува своите законски надлежности. Имено, согласно Законот член 5 и член 7 од Законот за јавна чистота, недвосмислено е пропишано дека „Одржувањето на јавната чистота и чистењето на снегот и мразот во зимски услови на јавните површини го врши јавно претпријатие за комунални услуги, основано од општината“, велат од надлежното министерство.


Спротивно на ваквите тврдења, од јавното претпријатие Охридски комуналец велат дека за јавната чистота на плажите кои не се издаваат под концесија треба да се грижи државата, односно соодветните министерства кои стопанисуват со езерото и крајбрежјето.

Според законот за јавна чистота оној што стопанисува со просторот е должен да обезбеди и услови за негово користење, а тоа на плажите кои немаат концесионери треба да го стори Република Македонија, односно Министерството за транспорт. Доколку тоа не може да го направи тоа тука сме ние, но нормално е тој што зема средства од издавање на плажите да ги плати услугите за одржување на слободните плажи, неодамна изјави првиот човек на ЈП Охридски комуналец, Сашо Алче.

По завршувањето на туристичката сезона,  „Комуналец“ во соработка со општината спроведе акција за чистење на плажите од Метропол до Лагадин од каде беа подигнати повеќе од 30 кубици најразличен отпад .

OhridNews