Во случајот со малолетната девојка од Лешани, чиј живот заврши трагично, според Министерството за труд и социјална политика имало индиции дека таа е жртва на трговија со луѓе.

„Во врска со случајот на малолетната М.Б. од с.Лешани, Центарот за социјална работа од Охрид постапуваше согласно со овластувањата од Законот за социјална заштита, односно со малолетната и со нејзините родители се разговараше во насока на утврдување на проблемот. Врз основа на разговорите кој што ги водеше центарот се стекна впечаток, односно претпоставка дека има индиции за трговија со луѓе поради што во постапката беа применети стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија, односно веднаш е известен Националниот механизам за упатување, помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе кој од моментот на исчезнување на малолетната, согласно со надлежностите и овластувањата ги презема потребните активности.“– стои во официјалниот став на Министерството за труд и социјална политика. 

Оттаму за подетални информации во врска со овој случај упатуваат на МВР.

Како што веќе информиравме, исчезнатата малолетна девојка од Лешани, пред два дена беше пронајдена мртва во атарот на селото Велмеј, општина Дебарца. Според полицијата 14-годишната девојка настрадала од смрзнување a на телото немало траги од насилство. Како таа стигнала на планината на височина од 1500 метри, под кои околности исчезнала, со кого се контактирала и зошто беше распишана меѓународна потерница, се само дел од прашањата на кои јасвноста и семејството на настраданата очекуваат одговор, но пред се дали можело да се спречи трагедијата, односно дали институциите и одговорните ги презеле сите неопходни мерки во случајот.

OhridNews