Во тек е прибирањето на понуди од комерцијалните банки во врска со наменскиот кредит со кој општина Охрид планира да ги подмири поголемиот дел од долговите кои ги има.

Понудите од банките пристигнуваат. Најповолната понуда која сме ја добиле е со грејс период од една година и отплата на кредитот во период од десет години. Останува да се разгледаат уште неколку понуди. Одлуката која понуда ќе се избере ќе се направи во сорабоотка со комисија формирана од страна на министерството за финансии и нивни член кој ќе го следи целиот процес. Во тек е изработка и на акционен план според кој ќе се врши исплатата на обврските, објаснува раководителот на Одделението за финансии и буџет, Александар Китрозоски.

Од локалната самоуправа се надеваат дека со одобрувањето на кредитот ќе се исплатат долговите на општината и со тоа ќе се исполни критериумот за влез на општината во втората фаза на децентрализација. Од таму се оптимисти дека целата постапка ќе заврши до крајот на оваа година.

Согласно донесената одлука на Советот, општина Охрид во месец јануари објави барање  на понуди за кредит со следните услови: износ од 360 милиони денари, рок на враќање минимум 6 години, грејс период минимум од 6 месеци и годишен ануитет и годишна каматна стапка.

Кредитот е наменски, за исплатата на обврски по основ извршни решенија со кои е блокирана сметката на Општина Охрид.

OhridNews