На иницијатива на Министерството за култура и туризам, формирана е работна група составена од претставници од секторот туризам при министерството, Македонска асоцијација на туристички водичи и продружници, Здружение на туристички водичи ЗТВПМ, како и експерти и претставници од високообразовните институции кои стручно ги квалификуваат идните туристички водичи и придружници.
На првиот состанок на работната група идентификувани се клучните предизвици и е постигнат договор за мерки кои ќе обезбедат унапредување на квалитетот и професионалноста во дејноста на туристичките водичи. Туристичките водичи од Македонија, изнесоа јасни и конкретни барања за подобрување на условите за работа, со цел стандардизација на дејноста и унапредување на туристичката понуда на државата. Водичите се првиот контакт на туристите со Македонија – културни амбасадори кои имаат клучна улога во создавање на впечатокот за нашата земја. Затоа нивната работа мора да биде соодветно вреднувана, регулирана и поддржана, велат од Министерството.
Министерот Љутков нагласи дека инвестирањето, во квалитетот и професионалноста на туристичките водичи е еден од најважните чекори за развој и позиционирање на Македонија како конкурентна и атрактивна туристичка дестинација.
Акцентиравме проблеми кои се резултат на одредени слабости во регулативата поради кои професијата туристички водич не е на нивото кое го заслужува, а со тоа квалитетот и конкурентноста на туристичкиот производ не достигнува задоволителен стандард. Овие слабости овозможуваат водичи од различни држави да ги презентираат културните добра, традиционалните културни вредности гледани низ нивните наочари, тука е и слабата заштита на домашните туристички водичи. Одлучивме да ги отстраниме овие слабости и да ги заштитиме домашните туристички водичи, за таа целформирани се стручни работни групи каде партиципираат и здруженијата на водичи и високообразовните установи за туризам со кои во тесна соработка работиме на отстранување на слабостите во регулативата како би постигнале подостоинствена и попочитуванапрофесионална дејност на туристичкиот водич во Македонија, додаде министерот Љутков.
Во насока на унапредување на дејноста на туристичките водичи, Министерството за култура и туризам, посочуваат, ја зацврстува својата улога како клучна институција во подобрување на условите за работа, едукација и промоција на оваа значајна професија.
Меѓу приоритетните задачи кои се разработуваат се, усвојување поквалитетни стандарди за едукација на стручни и професионални водичи, подигнување на квалитетот на туристичките услуги, можности за основање на туристичка инспекција со широки надлежности која ќе ги спречи нелиценцираните водичи и неовластеното вршење на дејноста, со што ќе се заштитат професионалците и ќе се зачува угледот на туристичката индустрија. Координација и усогласување на законската регулатива во насока на јасен и ефикасен правен систем за унапредување и заштита на професијата туристички водич, какои заштита на државата од ширење на невистини и искривување на историјата и културното наследство, со цел зачувување на веродостојноста и интегритетот на културните вредности, додаваат од Министерството.
OhridNews