Министерството за култура донесе Решение за запирање од извршување на Одлуката на Собранието на ЗАМП со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување, информираат од министерството за култура.

– Министерството, во согласност со својата законска надлежност утврдена со Законот за авторското право и сродните права, по извршниот надзор над Одлуката на Собранието на ЗАМП,  донесе Решение за запирање од извршување на Одлуката на Собранието на ЗАМП со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување, велат од министерството.

Од надзорот на Министерството за култура над Одлуката на Собранието на ЗАМП било констатирано дека Одлуката не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права.

– Доколку во спроведување на надзорот над актите на организацијата за колективно управување Министерството за култура оцени дека општ или поединечен акт не е во согласност со Законот, статутот, односно договорот за основање, со решение ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежниот суд за оцена на законитоста на актот. Решението на Министерството со кое Одлуката на ЗАМП се запира од извршување влегува во сила со денот на донесувањето, велат од министерството.

Оттаму, потсетуваат дека авторите на музички дела имаат право преку соодветната организација за колективно управување или индивидуално да забранат користење на нивните дела, но на начин и под услови кои се во согласност со Законот за авторското право и сродните права.

OhridNews