Како што информира директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцевска, министерството за култура и годинава го одврза ќесето и одлучи да поддржи низа проекти со кои ќе се задоволи вкусот на охридската публика, независно дали станува збор за онаа најмладата или пак повозрасните кои сакаат да изгледаат добра претстава или концерт.

Со годинешната програма на министерството поддржани се традиционалните проекти на центарот меѓу кои- „Балканскиот  фестивал на народни песни и игри“, „Охридските староградски средби“, „ Прличевите беседи“, фолклорниот ансамбл „Бисери“.


– Одобрени се средства и за уште една балетска претстава наменета за најмладите охриѓанчиња  „Волкот и седумте јариња“, ќе имаме и еден концерт на сериозна музика, а за театарот се одобрени два сериозни проекти, еден ќе се реализира во соработка со режисер од Дубровник, еден со познатиот македонски режисер Дејан Пројкоски, а еден проект ќе се реализира со сопствени средства, изјави директорката Боцевска .

Во врска со тековните проблеми на центарот, Боцевска нагласува дека ќе се решаваат со сопствени средства или со помош на спонзори.


– Постојано поднесуваме проекти за секојдневни проблеми. Оваа година повеќе средства добивме за програмскиот дел, а техничкиот дел ќе го решаваме на друг начин, со сопствени средства и сили. Пристапенио е веќе на уредување на дел од просториите во задниот дел на објектот, за да може театарот ефикасно да работи. Како ќе доаѓаме до средства така ќе ги решаваме останатите проблеми, вели Боцевска.

Додава дека подготовките за Летната сцена се во тек со цел просторот во месец април да биде ставен во употреба.

Т.К.