Од еуфорично најавуваните 200 вработувања на доктори по медицина и осумдесет медицински сестри и техничари во здравствените установи низ земјава, во охридската Општа болница од надлежното министерство, добиено е зелено светло за вработување само на тројца лекари.

Како што информира првиот човек на Општата болница, д- р Љубен Арнаудов, од негова страна во повеќе наврати било укажувано дека според програмата за развој на болницата потребни се 15 лекари и 22 техничари. На ваквото барање од страна на надлежното министерство, првично, било одговорено дека е можно вработување на осум доктори специјалисти. И покрај тоа, деновиве менаџерскиот тим  на Општата болница бил известен дека засега постојат услови  само за три нови вработувања во болницата.

За овие три вработувања веќе е донесена одлука од министерството за здравство. Очекувам деновиве да пристигне и одлуката од министерството за финансии, по што ќе следува распишувањето на конкурсот за нивно вработување, вели Арнаудов кој се надева дека во текот на годината ќе бидат создадени услови за вработување на уште неколку лекари во болницата.   

На почетокот на годината, Владата на Република Македонија, донесе одлука за вработување на 200 доктори по медицина, 60 медицински сестри и 20 рендген и лабораториски техничари во сите јавни здравствени установи во државата.

Т. К.