Дел од одделенијата на Заводот за кардиоваскуларни заболувања да се сместат во недоизградениот објект при Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо, а делот за рехабилитација на пациентите да остане во сегашниот објект на заводот. Ова е една од опциите за кои во моментов се размислува,со цел да се задоволат просторните потреби на заводот.

Градоначалникот, д- р Никола Бакрачески информира, дека иако стручни тимови од министерството за здравство работат на проектот и  понатаму како опција останува искористувањето на објектот на некогашната детска болница.

– Познато е дека објектот во кој сега се наоѓа Заводот за кардиоваскуларни заболувања не ги задоволува потребите имајќи ги во предвид забрзаниот развој на институцијата, се поголемиот број на интервенции, кадар и пациенти, а според тоа и се поголемата потреба од допонителен простор.  Моја лична желба и според она што го покажаа направените анализи, е дека најадекватен  е просторот на некогашната детска болница . Но се размислува и за другите опции. Според проектот кој се работи од министерството за здравство, во недоизградениот дел од болницата Св. Еразмо би се сместиле дел од интервентна кардиологија, интензивна нега, амбулантно поликлиничкиот дел и општата нега, а делот за рехабилитација би останал во сегашниот објект, изјави Бакрачески.

Тој потенцира дека како една од можностите за задоволување на просторниот проблем на Заводот за кардиологија е и изградбата на сосема нов објект.

OhridNews