Министерството за здравство објави соопштение за случајот со починатото двегодишно девојче во Општата Болница во Охрид, во кое информираше дека во петокот девојчето било прегледано на детското одделение во болницата во Охрид каде и била констатирана вироза. По ова, поради симптоми на повраќање, стомачна болка и омалаксаност, бил извршен уште еден преглед.
„Починатата пациентка за првпат е донесена на детското одделение во болницата на 25 август со симптоми на вознемиреност. По направениот наод и дијагностицирана вироза, дадени се упатства за понатамошен третман на пациентката. На 26 август во 16:40 часот направен е уште еден преглед поради симптоми на стомачна болка, повраќање и омалаксаност со знаци на лесна дехидратација. Спроведена е рехидратација и пациентката е упатена дома во добра општа состојба со препораки за понатамошно лекување“, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Според информациите кои ги објави Министерството за здравство во 23 часот и 55 минути детето повторно било донесено во болницата без срцева акција, без пулс и во бессознание, со проширени зеници. Веднаш се пристапило кон реанимација заедно со интернист и анестезиолог, но за жал по час и половина реанимација, константирана е смрт во 1 часот и 30 минути по полноќ.
„Девојчето цело времо било под ЕКГ надзор, без знаци за срцева акција. Случајот од страна на охридската болница веднаш бил пријавен во полиција која дошла и направила увид на самото место. Телото на пациентката е дадено на обдукција и во моментов се чека обдукцискиот наод“, се наведува во соопштението.
По смртта на девојчето формирана е Комисија која ќе го испитува случајот.
Министерството за здравство упатува сочувство до семејството на девојчето и информира дека веднаш ќе биде формирана Комисија да го испита лекувањето и целокупниот третман на пациентката.
OhridNews
Макфакс












