Министерството за животна средина и просторно планирање – МЖСПП, не се согласува со охридските пратеници кои предлагаат да се поместат границите на Националниот парк „Галичица“ заради реализација на инфраструктурни проекти и изградба во населените места на крајбрежјето кои се наоѓаат во строго заштитената зона. За Министерството непрафитлав е и предлогот со Националниот парк да управува и општината.

– Со Законот за заштита на природа децидно е утврдено дека за категоријата Национален парк се формира јавна установа, што го врши Владата, што значи дека тука не постои  можност да се утврди некој друг субјект за управување со категоријата Национален парк. Меѓутоа во управувачките органи на националниот парк постои и Управен одбор, тело во кое што има претставник и од општината, така да таа е инволвирана директно во работењето и во донесувањето на одлуките во јавната установа, вели во изјава за Тв Телма, Смиљка Тенева од МЖСПП.

Претходно, како што објави OhridNews, предлогот на пратениците го оспори и раководството на Националниот парк. Оттаму објаснуваат дека границата на заштитената зона не може да се поместува, а на тоа е обврзана и државата согласно прифатените меѓународни договори и критериуми. Од НП „Галичица информираат дека согласно изготвениот план за десетгодишно управување Националниот парк е поделен на  3 зони, строго заштитена,  зона за активно управување и зона за одржливо искористување каде не се забранува градење и проширување на населените места.

– Ние кога го изработувавме планиот водевме сметка дека тие треба да се прошируваат и надградуваат, така што во моментов се работи и Нацрт верзијата на просторниот план со која е предвидено овие населби во иднина да имаат и проширување.-вели Зоран Ангелоски, директор на НП „Галичица“.

Предлог- законот за препрогласување на дел од планината Галичица за национален парк неодамна влезе во Собраниска процедура и се очекува тој да биде донесен до крајот на оваа годна. Законот кој ќе биде основа за донесување на планот за управување и на просторниот план за Национаолниот парк Галичица го поддржаа пратениците и од власта и од опозицијата, а од амандманската расправа, која се најавава, ќе зависи дали ќе има или не одредени поместувања на строго заштитените зони на паркот.

Г.М.