Обезбедување на греење во внатрешноста на капелата при градските гробишта во зимскиот период и оградување на просторот каде се врши опелото, бараат од претпријатието за погребални услуги „Мирен сон“.

Менаџерскиот тим на погребалното претпријатие „Мирен Сон“ како оператор на погребални услуги кој има непосреден конаткт со граѓаните на Охрид за време на погребувањето, во последниве неколку години има увидено низа неправилности на кои исто така укажуваат и граѓаните, а кои се предизвикани од човек – фактор во ЈП „Градски гробишта“.Погребувањето во постојните услови не значи ништо друго, туку поигрување со чувствата и човечкото достоинство од страна на раководниот тим на ЈП „Градски гробишта“, велат од „Мирен сон“.

Граѓани кои го подржуваат барањето потенцираат дека иако станува збор за церемонија која трае околу час и половина, во услови кога температурата на воздухот е десеттина степени под нулата, како што беше во изминатиот период, неиздржливо е без загревање на просторијата.

Неопходно е да се изнајде некакво решение со цел да се подобрат условите во капелата во зимскиот период. Во капелата и просторот за опело е свежо и во летниот период, но во зима кога се исклучително ниски температури едвај се издржува, а секој сака покојникот да го испрати пристојно облечен, како што и му доликува на чинот, велат граѓаните.

Од јавното претпријатие „Градски гробишта“ велат дека до нив, во изминатиот период, не стигнало вакво барање од страна на граѓаните.

Во капелата каде се изложуваат покојните има клима уред, но најчесто се користи во летниот период, кога има високи температури. Во зима, како прво не треба да има висока температура каде се изложуваат посмртни останки, а и ако ставиме грејни тела, проблем е што целата церемонија трае краток временски период и вратите се отворени. Залудно е да поставуваме грејни тела каде вратите се отворени, вели директорот на ЈП „Градски гробишта“, Зоран Симоноски.

Во дописот од „Мирен сон“ кој беше испратен и до охридските советници се бара и обезбедување на јавни тоалети на целиот простор на градските гробишта. Во врска со ова барање, директорот Симоноски вели дека и постоечките четири тоалети не биле многу користени.

Овие четири тоалети кои се наменети за граѓаните, најчесто се користат за време на големите верски празници, но и тогаш ги посетуваат дваесеттина или 30 граѓани. Останатото време воопшто и не се користат. Локалната самоуправа и јавното претпријатие имаат изготвено предлог одлука за експропријација на земјиште и проширување на гробни парцели. Оној момент кога ќе добиеме нови гробни парцели, предвидени се и ќе се изградат и нови тоалети, а тоа ќе биде за скоро време, вели Симоноски.

Симоноски потенцира дека нивна заложба е услугите на претпријатието да бидат на повисоко ниво и во корист на граѓаните.

Т.К.