Операторот за извршување погребални услуги „Мирен сон“ од Охрид ги предупредува градските советници дека евентуалното изгласување на Предлог одлуката за давање согласност на одлуката за утврдување на висината на надоместокот за „ Солидарен пакет- погребни услуги“, што е последна точка на деветтата седница на Советот закажана за понеделкник, ќе претставува кршење на Законот за гробишта и погребални услуги.

– Апелираме до советниците во Советот на Општина Охрид дека изгласувањето на точката бр.9 би значело дополнително оптоварување на граѓаните со незаконски надоместок, кршење на Законот за гробишта и погребални услуги на РМ , Законот за заштита на конкуренцијата на РМ ; и повторно создавање на монопол,  контролирање и затворање на слободниот пазар на штета на граѓаните, а остварување на екстра профит за организаторот под маска на солидарност и хуманост, велат од „Мирен сон“.
    
 Оттаму објаснуваат дека во позитивните законски прописи на Република Македонија не постои категорија  – надоместок “солидарен пакет- погребни услуги” ; “солидарен погреб” ; “наменско осигурување” итн. бидејќи примарен закон во дејноста вршење на погребални услуги е Законот за гробишта и погребални услуги на РМ и тој не предвидува ниту една од наведените  услуги. Поради тоа, посочуваат од „Мирен сон“, Комисијата за заштита на конкурентноста минатата година му изрече забрана на јавното комунално претпријатие од Охрид  да врши наплата на надомест за наменско осигурување  без ралика дали е со или без изрична согласност од граѓаните, поради што „Комуналец“ од август 2010 година прекина со наплата на надоместок за солидарен погреб.

OhridNews