Македонската репрезентативка Мирјета Бајрамоска е најновото засилување за европскиот вицепрвак Вардар, откако со клубот договори едногодишна соработка.
32-годишната ракометарка која игра на позицијата лев бек „црвено црните“ ги засилува од Крим, каде три години настапуваше. Претходно родената битолчанка ги бранеше боите на МАР Аликанте од Шпанија и Драма од Грција, а на домашна сцена ги носеше дресовите на Кометал ЃП, Еуростандард ЃП и Металург.
– Взаемниот интерес за соработка е клучот на мојата одлука да потпишам за Вардар, а можеби и тука да ја завршам кариера. Секој спортист сака да биде првак на Европа и да ја освои лигата на шампионите, а тоа може само со неколку клубови во Европа, а меѓу нив е Вардар. Уште поголем императив е со македонски клуб да се борам за титулата во ЛШ, и би сакала и јас да дадам свој придонес во тоа. Секогаш сакам да бидам во клуб каде професионализмот е на прво место, и кога секој си ги извршува задачите, резултатите се неизбежни. Инфраструктурата и условите што ги има Вардар се најдобри во Европа. Сакам да се заблагодарам на менаџерскиот тим на Вардар и сопственикот Сергеј Самсоненко за укажаната доверба за која максимално ќе се посветам да ја оправдам со моите настапи. – изјави Мирјета Бајрамовска за клупскиот сајт.
Бајрамовска преставува второ македонско засилување за Вардар, откако клубот го официјализираше договорот со Јована Саздовска.
OhridNews