Ракометниот клуб од Автокоманда, Металург се наоѓа во ситуацијата како никогаш до сега во последните четири-пет години. Македонскиот првак претрпе два порази во Лигата на Шампиони, но, повеќе загрижуваат раздрманите столбови во екипата.

Натпреварот со Загреб во третата рунда од Лигата на Шампионите е еден од клучните натпревари за македонскиот првак сезонава.
– Нашите шанси, по поразот во Брест, се навистина мали. Мешков ни е директен конкурент во борбата за третото или четвртото место, меѓутоа одиграни се само две средби и има уште многу да се игра. Ништо не е загубено. Одиме во Загреб. Со домаќинот сме на различни позиции. По големата победа над Кил и добрата партија против Пари Сен Жермен, тие се полни со самодоверба, додека ние во „Арената“ доаѓаме со два пораза. Под голем притисок сме, но знам дека ракометарите на Металург можат да го издржат тоа и да се вратат дома со позитивен резултат – додаде иконата на Металург.
Српскиот чувар на мрежата Дарко Станиќ веќе замина од Металург, а повредата на Ренато Вугринец дополнителни ја влоши и така компликуваната состојба во Автокоманда.
– Нормално, по два пораза, атмосферата не е како што треба. Ние секогаш добро почнувавме во Лигата на шампионите и до Нова година веќе го обезбедувавме пласманот во Топ 16. Сега ситуацијата е поинаква и би можеле до Нова година да испаднеме. Но на мака се познаваат јунаците. Одењето во Белорусија без Станиќ, Атман и без Вугринец беше изненадување за играчите. Толку искусни и квалитетни играчи секогаш ви се потребни, но такво беше решението на клубот. Тоа нѐ наруши во Брест, но и покрај тоа моравме да одиграме многу подобро – истакна популарниот „Жути“.
Хрватскиот стручњак на клупата од Металург, Лино Червар сезонава ја подмлади екипата со доведување на неколку талентарани ракометари.
– Тоа е добра работа. Полека се подготвуваат за наредните години. Имавме добар почеток на турнирот во Струга, каде што го победивме Вардар и го освоивме првото место. Се гледа дека младите имаат голем потенцијал, но им треба и многу работа. Ривалството со нив е добро. На тренинзите Лино често ги спротивставува младите и старите. Често ги победуваме (се смее), но за младите е добро да имаат такви натпревари еднаш во неделата. Колку-толку стекнуваат искуство, иако вистинскиот натпревар е нешто друго. Се гледа дека им треба уште малку за натпревари од Лигата на шампионите – потенцираше Миркуловски.
Во фокусот покрај мечот Загреб – Металург ќе биде дуелот на Веселин Вујовиќ и Червар кои се стари ривали од времето кога црногорецот беше дел од тимот на Вардар.
– Ќе биде интересно. Така беше секогаш во Македонија. Тоа ќе биде тактичка и психолошка битка. Ќе решаваат нијанси. Се надевам дека ќе бидеме поконцентрирани и дека ќе извлечеме подобар резултат – заврши македонскиот репрезентативец.
Ohridnews











