Без победник и без голови 0-0 заврши соседската  средба меѓу Албанија и Македонија одиграна на стадионот “Скендер–бег“ во Корча.  На седмата пријателска средба “црвено-жолтите“ по вторпат одиграа реми без голови, со што го зачувавме позитивниот скор со западниот сосед.


Мечот во Корча, на кој дебитираа четворица фудбалери(Кировски, Фетаи, Мемеди, и Богатинов) беше сличен како и остатите кои ги (од)игра македонската фудбалска репрезентација.  Добра  игра само во првите 45 минути, додека во вториот дел ја препуштивме играта на домаќините кои не успеаа да го капитализираат тоа.

Експериментот на Јонуз, доби удар уште не започнат откако повратникот во националниот состав Дарко Тасески се повреди на загревањето па неговото место во средината на теренот го завзеде Никола Глигоров.


Сосема друг тек ќе добиеше натпреварот доколку во третата минута турскиот арбитар Хисеин Гочек се одлучеше да покаже на белата точка по стартот на Далку над новопечениот репрезентативец Фетаи. Добрата игра во првиот дел, контролирањето на играта на средината на теренот, не им дозволи на десетилјадната публиката да ја понесе домашната селекција, која шансата да го загрози нашиот гол ја бараше со удари од далечина.  Ударите на Дуро, Салихи завршија во рацете на добро поставениот Нурединовски кој успеа да ја одржи “чиста“ македонската мрежа.


Најрасположениот за игра во нашиот состав Тричкоски и создаваше доста проблеми на домашната одбрана, по еден продор убаво го проигра Ѓуровски кој нафрли во голманскиот простор од каде Кировски со глава не успеа да ја погоди целта. Нешто подоцна повторно центрираше Тричковски но полуволеј ударот на  Ѓуровски заврши над голот.  До крајот на првиот дел повторно Кировски имаше изгледни прилики, но еднаш потесната одбрана, а еднаш и голманот Ујкани не дозволи напаѓачот со погодок да го прослави своето деби.


Сосема друга слика на теренот во второто полувреме. Уште на самиот старт домаќините комбинираат во нашиот казнет простор, а ударот на Салихи од непосредна близна го брани Нурединовски. По еден час игра повторно удар од дистанца на Бакај кој со прекрасна парада го стопира македонската единица.

По серијата измени во кои добија шанса сите “резервисти“ , гостите ја превзедоа комплетната иницијатива на теренот. Нововлезаниот Хика ја разигурваше “црвено-црната“ селекција, се разбуди и публиката на стадионот, а играта на нашата половина резултираше со неколку прилики. По нафрлувањето на Хика, Вила со глава биеше покрај голот, по еден –два комбинацијата на Хика и Јонузи , Тодоровски во последен момент го спречи шутот Јонузи и ја исфрли топката во аут.


Длабоко во судиското надополнување домашните го имаа последниот удар, но супер интервенцијата на Богатинов по шутот на Бакај заврши во удар од аголот, со што мечот заврши онака како што и започна  0-0.

Од Поградец – Албанија
М.Постоловски
фото: Емилио