Без победник, без голови 0-0 заврши дербито на средината од табелата во првата македонска фудбалска лига помеѓу Охрид 04 – Брегалница. Охриѓани го “преболеа“ гостинскиот пораз од Силекс, иако ослабени играа без капитенот Ѓорески и најдобриот стрелец Димоски на домашен терен ја забележаа третата “нула“ во осмиот натпревар додека Брегалница ја оствари целта непоразена да замине од стадионот “Атина Бојаџи“ во Охрид.

Ладното време “ги замрзна“ фудбалерите, не дозволувајќи им од стартот на мечот да ги покажат своите квалитите. Откако дополнително се загреаа, првата прилика за погодок ја имаше Пројков во 9-та минута но биеше покрај голот на штипјани. Охриѓани најблиску до погодок беа во 15-та, Шаќири во празно го проигра Пројков, голманот на Брегалница, Алчинов навремено истрча од својот гол исфрлувајќи ја топката во аут.

Гостите кои беа преодредени да го зачуваат својот гол, во  средината на првиот дел имаа три прилики за погодок. Првата шанса ја имаше Вучетиќ шутирајќи над голот. Двојната акција на Ивановиќ и Блажевски со гол не ја круниса Исени кој непрецизно шутираше со глава. Во 28-та минута Брегалница не искористи колосална шанса за предност, Мандак избегна офсајд стапица, изби “очи во очи“ со Костуранов, напаѓачот на гостите се реши да изнуди пенал, падна но за главниот судија Спиркоски немаше најстрога казна а Мандак заработи жолт картон поради симулирање.


Во вториот дел повторно избраниците на Антиќ беа први кои се заканаа, двојната комбинација на Шаќири и Каланоски, офанзивецот на Охрид, Пројков со “ножички“ ја зафати топката која заврши за малку над голот на Алчинов. Кога охриѓани доминираа на теренот, лесно можеше да се случи Брегалница да го отвори резултат, Исени повлече контра го прогира десниот бек Блажевски кој нафрли но Мандак се сплетка а Лескароски стигна да расчисти во корнер.


Се што не видоа на целиот натпревар охридската публика можеше да види во судиското продолжение. Велески се ослободи од неколку фудбалери шутираше силно во добро поставениот Алчинов. Во последната минута од мечот, гостите можеа да стигнат до цел плен откако Исени најдобро се снајде во мешаницата во казнетиот простор биеше со волеј удар но Костуранов беше на место.

Охридските “бели“ во наредната 16-та рунда ги очекува “пеколно“ гостување кај лидерот во генералниот пласман Вардар додека Брегалница три бодови ќе брка на домашен терен против Силекс

Мх.П.