Македонската кошаркарска репезентација вечерва од 20 часот во Јужни, Украина ќе го одигра првиот од 8-те квалификациски дуели за пласман на ЕП во Литванија во 2011 година. Селекцијата на Украина во својот состав има високи играчи на сите позиции, кошаркари и со НБА, но и со искуство од силни европски натпреварувања, станува збор за една искусна, пред се физички силна репрезентација.


– Ние во подготвителниот период одработевме максимално, одигравме доста натпревари на кои повеќе комбиниравме заради отсуствата на играчи од клучните позиции во составот, но со приклучувањето на Грин и МекКејлеб добивме квалитет плус кој се надевам ќе го искористиме. Хендикеп е што обајцата минаа многу малку време со нас, но немаме време за жалење, ќе се обидеме да го искористиме бремето на фаворит на првиот натпревар, што дефинитивно лежи на плеќите на домашната екипа.“ – истакна селекторот Докузовски.


Перо Антиќ, за прв пат како капитен ќе ја предводи најдобрата селекција на Македонија. “За разлика од минатите години, исклучително сме ослабени заради отсуството на нашиот капитен, Врбица Стефанов, но во екипата има многу млади момци со мотиви и квалитет еден ден да дојдат на неговото место и да им носат радости на нашите навивачи. Оваа генерација ја краси заедништвото, имаме 12 капитени, сите гинеме еден за друг и за Македонија и ќе дадеме се од себе на крајот од овие квалификации уште еднаш да славиме пласман на европско првенство“ – вели капитенот Антиќ.


Судии на вечерашниот натпреварот се Зоран Шутуловиќ од Црна Гора, Јакуб Замојски од Полска и Сергеј Михајлов од Русија. Делегат е Камен Тошев од Бугарија.

Ohridnews