Време е за промени на политичката сцена во Македонија и да се свртиме кон решавањето на реалните проблеми на граѓаните кои заслужуваат подобар живот и подобра иднина, истакна кандидатот за претседател на Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ Зоран Поповски на митингот што вечерва се одржа во Охрид.
-Живееме во време невреме, време на постојани препукувања и расправии. Луѓето веќе заборавија на својата егзистенција слушајќи ги постојаните препукувања на политичките титани кои што ги окупираа медиумите. Не можеме глава да дигнеме од прес конференции и од соопштенија од кои се изведуваат само лоши зборови. Ајде да се свртиме кон граѓанските вредностите – кон луѓето, да се обединиме околу решавање на клучните проблеми во Македонија, а тоа се сиромаштијата невработеноста, достоинството на државата, влегувањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО и кон подобра живеачка, тоа е нашата нова понуда на овие избори.-рече Поповски.
Кандидатот за претседател на ГРОМ најави дека доколку ја добие довербата од граѓаните ќе се спротистави на трошењето буџетски пари за непродуктивни проекти каков што е тој кој се реализира во гглавниот град.
-Можам од овде да ви ветам дека веќе нема да дозволам ниту еден буџет од оваа држава да се реализира со така предвидени пари кои што ќе се трошат на споменици, фонтани, тркала, врби и други глупости, сакаме да се свртиме повеќе кон луѓето и кон решавање на нивните проблеми и да вложуваме во нивниот стандард.-порача Поповски.
Поповски на охриѓани им вети дека ќе се залага за заштита на Охридското Езеро и за зачувување на неговиот статус во УНЕСКО како светско природно наследство. На внатрешен план тој истакна дека ќе се фокусира на подобрување на меѓуетничките односи преку промоција на дијалогот и разговори за заедничките проблеми на граѓаните. Поповски истакна дека нема да биде сервилен кон власта, туку ќе се спротиставува на политиките кои не се во интерес на граѓаните, најавувајќи политика на отвореност кон соседите.
-Соседите не можеме да ги бираме. Имаме две варијанти, едната е да направиме ѕидови и да не се гледаме, а другата да изградиме комуникација како цивилизирани луѓе. Јас сум за ова второто. Ајде да почнеме да соработуваме во уметноста во спортот, културата, во здравството, образованието, во науката, тогаш ќе видите дека проблемот со името, проблемот со јазикот, со нацијата, со националните малцинства, со црквата ќе станат ирелевантни. Ние сакаме веќе да престанеме со провокации, сакаме да не се занимаваме со минатото, а повеќе да се занимаваме со сегашноста, историјата да им ја оставиме на историчарите, а на младите да им понудиме можности да си останат во нашава Македонија.-истакна Поповски.
Пред присутните се обрати и лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски кој упати силни критики кон двете најголеми партии во државата. Тој рече дека е добро во земјата да има поголема политичка понуда затоа што само така граѓаните ќе имаат избор. Јакимовски истакна дека најголемата опозициска партија направила многу грешки и не може да ја промени политичката слика во државата, туку дека тоа единствено може да го направи ГРОМ со коалиционите партии.
-Мора да сметаат на нас. Нашата цел не е ништо да рушиме, не е нихилистичка, ние не сакаме да оставаме празнини зад нас, сакаме да нудиме решенија, сакаме визии, нови опции за Република Македонија, сакаме во оваа политичка трка да трчаме па макар и позади нив. Никого не сакаме да сопнеме, но треба да знаат дека нашите батерии се полни како никогаш до сега, а тие се уморни од ветувањата и од политичките промашувања и дека нашето време доаѓа.-рече Јакимовски.
Тој рече дека кај граѓаните се чувствува страв и дека тоа не е во ред, затоа што народот во 1992 година не гласал за слободна, независна и самостојна Република Македонија за да се плаши од сопствената власт.
-Затоа тргнавме да ги охрабриме граѓаните за да знаат дека има сила која што може да ги организира и да ги донесе промените во Република Македонија-додаде Јакимовски.
Тој истакна дека ГРОМ и кандидатот за претседател на коалицијата предводена од оваа партија имаат јасна надворешна политика и не се подготвени на промена на уставното име на државата.
-Се знае кој е за промена, а кој не е за менување на уставното име. ГРОМ и Зоран Поповски не се подготвени да го дадат уставното име. Највисоко цивилизациско достигнување е кога имаш проблем да одиш на суд и на мирен начин да го решиш. Меѓународната заедница го основала и го финансира тој суд и должна е да ги почитува и спроведе одлуките кои тој суд ги носи. 134 земји ја признаа Македонија под уставното име и само треба да чекориме напред. истакна Јакимовски.
Тој рече дека ГРОМ предлага претседетел кој ќе се сврти кон решавање на внатрешните проблеми за Македонија да биде правна држава, да има функционална демократија, ефикасна администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не сервис на власта, за земјата да има помали буџетски расходи за да миоже економијата да заживее, а на стопанствениците да им се помогне да го прошират своето производство.
На митингот кој се одржа на градскиот плоштад беа претставени членовите на огранокот на ГРОМ во Охрид, кои најавија силна поддршка на кандидатот за претседател Зоран Поповски.
Г. Момироски