Кандидатот на СДСМ за претседател на државата, Стево Пендаровски, вечерва одржа митинг во Охрид, на кој непосредно разговараше со присутните за неговата програма.
Пендаровски на почетокот се осврна на обвинувањата упатени од политичките противници кон него во врска со спорот за името, истакнувајќи дека не тој туку власта е таа која треба да одговори што договорила на преговорите за името неодамна во Њујорк.
-Прашање поставуваат овие кои до сега беа во влада со партиите на Албанците, дали ќе дозволиме тие да ни ги диктираат црвените линии. Јас прашувам пред 6 дена што договараа со Нимиц, во договор или без договор со партиите на Албанците. Кој ги овласти да преговараат за името? Сами си го дадоа тоа право? Влада со технички функции, парламент распуштен тие сами запукаа за Њујорк кај Нимиц и сега обвинуваат дека јас сум подготвувал капитулација за името. Јас никогаш не сум преговарал за името и не сум можел да бидам ниту тврд ниту флексибилен. Тие преговараат за името и барам во ваше име да ни кажат што договориле.-рече Пендаровски.
Пендаровски пред охриѓани ја изложи својата програма најавувајќи комплетна политичка промена во земјата. Тој истакна дека како претседател ќе се залага за евроатлантска интеграција на земјата, која, како што рече, се повеќе заостанува зад соседите во овој процес. Тоа, додаде Пендаровски, се должи на лошите политики на власта и нејзиниот претседател. Младите масовно се иселуваат од државата и земаат пасоши од соседните земји, економијата стагнира, а народните пари наместо во инфраструктура и подобрување на условите за живот се трошат за споменици, рече Пендаровски.
-Просто е неверојатно, но како одам од регион во регион од ден на ден сите се жалат на исти работи. Народот бега од сопствената земја. Во овој крај, дури и во овој град за кој што се мисли дека е еден од регионалните центри кои можеби може да продуцира сопствен развој и да ги задржи луѓето практично иселувањето е со невидени пропорции. Податоците покажуваат дека во последните пет години од Македонија се иселиле повеќе луѓе отколку во првите пет години од осамостојувањето на земјата кога не се знаеше дали ќе ја биде Македонија. Денеска во мир младите си заминуваат без да мислат за враќање назад.- истакна Пендаровски.
Тој одговараше на прашања на присутните, кои од него побараа мислење за меѓуетничките односи, надворешната политика, за економијата и туризмот, но и за Субрата Рој и неговите намери да гради елитен комплекс во Љубаништа.
-Јас знам кој е тој и сигурен сум дека и во досегашната влада многу добро знаат кој е тој и затоа и се ујдисаа. Срамно е, недозволено е за било кој граѓанин на Македонија кој знае што е Охрид, оваа балканска ризница, овој бисер да го валкаш со валкани пари со луѓе со валкан морал кои во својата земја не можат да излезат пред очи на својот народ да го носиш овде на онаа света земја и да се обидуваш да изградиш казина. Охрид бил и мора да остане со векови нанапред центар на духовноста во Европа и светот. Такви типови не ни требаат.-истакна кандидатот за претседател на СДСМ.
Пендаровски изрази загриженост за состојбите со човековите права, посочувајќи дека во 21 век во земјата има политички затвореници, меѓу кои и новинари. Тој рече дека на Македонија и се неопходни промени, а нив можат да ги донесат само нови луѓе со нови политики. Пендаровски ги повика граѓаните да не се плашат, да излезат храбро на избори и да го дадат гласот за него и за опозицијата, најавувајќи нејзина победа на претстојните претседателските и парламентарни избори.
Кандидатот на СДСМ за претседател на Република Македонија Стево Пендароски, во текот на денешниот ден, посети повеќе населени места во општина Дебрца, а беше и во струшко со граѓаните во Бороец, Подгорци и Вевчани.
Г. Момироски