Вечерва стојам пред вас со гордост, со емоција и со истата онаа искреност со која пред 4 години ја добив вашата доверба. Тогаш ветив дека ќе го исправиме Охрид, дека ќе го вратиме достоинството на нашиот град и заедно го направивме тоа. Кога ја презедовме општината долгот изнесуваше 14 милиони евра. Сметките беа блокирани, јавните претпријатија пред колапс, а луѓето разочарани и без надеж. Но, ние не се уплашивме, ние не се жалевме, ние не баравме изговори, ние почнавме да работиме чесно, рече во обраќањето кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Кирил Пецаков на денешниот завршен народен митинг во Охрид, во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“.
Посочи дека изминатите четири години со домаќинско работење е намален бројот на вработени во јавната администрација, реконструирано е ОУ „Кочо Рацин“ и комплетно опремено, изградена спортската сала во Лескоец, започната реализацијата на катата гаража, започната изградбата на пречистителната станица во Трпејца, реконструиран бул. „Македонски Просветители“, улиците „7-ми Ноември“ и дел од „Гоце Делчев“ како и стотици улици низ градските и приградските населелби, вкупно, повеќе од сто улици и патишта, над 30 км. асфалт во вредност од 323 милиони денари.
Ова не се бројки, ова се дела што се гледаат. Дела што го менуваат секојдневието на Охрид. И денес кога ќе прошетате низ градот гледате дека има напредок, знаете дека тоа е резултат на заедничката работа, на труд и визија. Ќе стоиме исправени макар и сами ако треба, но исправени пред вистината и времето. Така стоиме и денес исправени, горди и обединети зад идејата за подобар Охрид. Затоа што кога никој не се нафаќаше да реализира проекти и дела кои што охриѓани ги побаруваа во изминатите 30 години, а и повеќе, ние амбициозно влеговме пред 4 години и денес сме таму кај што сме горди, исправени и затоа повторно ќе ја добиеме довербата од охриѓани. Но, нашата работа за Охрид не завршува, напротив, тука почнува новото поглавје. Имаме план и програма за модерен, дигитален, економски силен и зелен Охрид. Град кој чекори со времето, но град кој никогаш не ги заборава своите вредности, рече Пецаков.
Ги спомена и проектите кои се планирани во програмата како реконструкција на Кеј Македонија и булеварот „Туристичка“, изградба на нов Младински културен центар, уредување на кејот во Пештани и градскиот пазар во Охрид, зелени зони и простори за семејства, дигитализирање на услугите на општината со QR-кодови за документи, онлајн плаќања, електронски услуги и транспарентно управување, поставување модерни корпи за отпад, субвенциите од Општина Охрид за поставување на фотоволтаици, како и акциите за чистењето на езерскиот брег со акцент на заштита на водите и на природата.
Ќе не биде ако веруваме во себе и во оно што го градиме со срце. И ние веруваме. Веруваме во нашите граѓани, во нашиот град, во нашата зедничка иднина. Охрид е град на култура, град на традиција, град со сопствена нитка и идентитет. Затоа планираме реконструкција на домовите на култура во Љубаништа, Кошишта и Радојца Новичиќ. Продолжуваа поддршката на нашите фестивали, Фестивалот на водени спортови, Винофест, Џез фестивал, Коктел фест, а планираме да воведеме и нови, фестивал на креативни индустрии, меѓународна џез вечер и секако фестивал на младите. Охрид ќе го промовираме како туристичка дестинација што е одржлива и инклузивна и достојна на светската мапа. Сето ова не се само букви и бројки на хартија, ова е програма од срце. Од охриѓанец за охриѓани. Пред 4 години чесно и достоинствено ја побарав вашата доверба. Денес повторно стојам пред вас со уште по голема енергија. Стојам пред вас со исправена глава и чист образ. Охрид не смее да застане. Охрид мора да продолжи да се развива. Знаеме како, покажавме дека умееме и продолжуваме со уште повеќе срце, уште повеќе љубов и уште повеќе решителност. Го вративме достоинството во Охрид, додаде Пецаков.
Доаѓа времето кога државата врти нов лист, нова страница. Испишуваме заедно нова историја на оваа генерација решена да победи, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикувајќи на обединување и масовна поддршка за кандидатите за градоначалници и советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во недела.
И кога велиме „вистинскиот избор“, не велиме лозинка, туку вистината на секој граѓанин што не се предаде. На секој човек што работи, создава, помага и верува дека оваа земја може и мора подобро. Од Охрид до Штип и Делчево, од Битола до Скопје, се слуша истиот глас, гласот на народот што сака ред, сигурност и иднина. Сака правда. Сака чесност. Гласот на луѓето што не чекаат некој да им ја донесе среќата, туку сами ја создаваат. И токму затоа, вечерва, од овде праќам порака што никој повеќе нема да може да ја замолчи, дека оваа земја избира сигурен пат, избира работа, избира стабилност, избира надеж, рече Мицкоски.
Посочи дека вистинскиот избор е одлука со која се прави иднина, а одлуката ја носи човекот што работи, земјоделецот што секое утро го почнува со надеж, работникот што не се откажува, учителот што воспитува, лекарот што спасува, младите што сакаат иднина овде, дома.
Тоа се луѓето што ја градат оваа држава. Тоа е Македонија што не се гледа на билборди, туку се чувствува во секое маало, во секој град, во секое рамо што подава поддршка и во секоја рака што создава. И затоа ова не е крај на кампања. Ова е потврда на нашата определба, да ја чуваме оваа земја, да ја исправиме, да ѝ вратиме достоинството што премногу долго ѝ го одземаа. Затоа што Македонија не може повеќе да си дозволи празни зборови. И токму затоа, од овде, од Охрид, од градот каде што се сретнуваат културата и духовноста, ја испраќаме пораката која ќе одекне низ сите краишта од нашата татковина дека овој пат изборот не е тежок, затоа што вистината е јасна, затоа што разликата се гледа и се чувствува. Изборот е помеѓу искрен труд и празна приказна, помеѓу сигурен пат и непознат хаос, помеѓу држава што гради и политика што руши. И затоа, вечерва, јасно и гласно велиме Македонија го прави вистинскиот избор. Ова не е победа на еден човек, ниту на една партија. Ова е победа на сите што веруваат во работа, во вредности, во чесност и во држава што стои на свои нозе, нагласи Мицкоски.
Тука пред 15 месеци дадовме ветување дека Македонија ќе ја направиме горда, дека Македонија ќе оди во вистинска насока, ќе ја браниме надворешно, но ќе ја градиме и внатрешно. Ветувањето што е дадено во Охрид не е само празен збор, тоа е завет пред нашите поколенија и нашите потомци, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски.
За 15 месеци Владата предводена од претседателот направи голем исчекор напред, раст економски, намалување на невработеноста и зголемување на вработеноста, нови инвестиции, подобрување на инфраструктурата. Одиме со дела, работа и ви нудиме понатамошни успеси. Овде ветувањата се навистина ветувања кои не обврзуваат дека мора да ги исполниме. Оттука ветивме и напорна работа и проекти во локалната самоуправа. Владата како ниту една испорача и за локалната самоуправа и за бизнисот и за сите сфери на општетсвеното живеење. Затоа викаме дека патриотизмот е кога ќе испорачаш за својата држава, улица и општина, кога ќе реализираш проекти. Имаме ние пример на човек кој со дела покажа дека треба да биде поддржан тука, тоа е сегашниот и идниот градоначалник на Општина Охрид, Кирил Пецаков. Тоа е пример на човек кој испорачува дела, проекти за Охрид и пример кој ја презеде општината со огромен долг, а денес Општината нема долгови има само реализирни проекти. Порачуваме да верувате на луѓето кои испорачуваат дела и проекти, додаде Сајкоски.
Пред присутните поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата беа претставени кандидатите за членови на советот на Општина Охрид и носителот на советничката листа.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска