Здружената опозициска коалиција предводена од СДСМ, вечерва одржа митинзи во Дебар, Струга и Охрид. Пред илјадниците симпатизери се обратија кандидатите за пратеници, носителот во 5-та Изборна единица Радмила Шеќеринска и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кои порачаа дека на 11-ти декември доаѓаат промени во Македонија и подобар живот.
Митингот во Охрид почна со исповед на суспендирана медицинска сестра во општата болница во Охрид. Таа рече дека е жртва на реваншизам затоа што нејзиниот син полицаец кој извршувајќи службeна задача бил во контрола на објект чиј сопственик е лице вработено во административната служба на болницата, поради што, како што рече таа, најпрвин трпела притисоци на работното место, за потоа да биде суспендирана иако има само неколку месеци до пензија.
Потпретседателот на СДСМ и носител на пратеничката листа во 5-та Изборна единица Радмила Шеќеринска, истакна дека јавноста во Македонија имаше прилика да чуе во „бомбите“ на Заев каква е всушност власта.
-Вистината во Македонија веќе светна како сонце, стана јасно дека Груевски прислушкувал под палката на Мијалков, дека прислушкувале, краделе и злоупотребувале и дека секојпат сакале да играат мајтап и со Македонија и со граѓаните. Затоа ќе порачаме, доста е кражба, доста е злоупотреби. – рече Шеќеринска.
Шеќеринска упати остри критики за казнената политика во земјата и најави крај, на како што истакна, високите и нереални казни.
-Доста е од казнување на луѓе со огромни суми и инспектори кои велат „фала пријатно“. Не е нормално луѓе со минимална плата во Македонија да плаќаат казни од 300, 400, 500 евра, не е нормално дуќан кој едвај вади една или две плати да го затвораме со казна од 3 или 5000 евра. Затоа ќе воведеме пракса: „нема казна без опомена“, ќе воведеме правило, сите казни ќе бидат намалени, ама ќе зависат и од џебот, тој кој има повеќе, ќе плаќа повеќе, фирма која има повеќе, ќе плаќа повеќе, но казните нема да бидат високи како сега. – појасни Шеќеринска.
Носителот на кандидатската листа во 5-ка рече дека Планот за живот на опозицијата предводена од СДСМ, предвидува конкретни проекти за подобрување на економската состојба и стандардот на граѓаните, минимална плата од 16000 илајади денари, просечна плата од 30000 денари. Средства за тоа ќе се најдат со одговорно работење и правилна распределба на буџетскита средства, кои наместо во приватни џебови ќе се слеваат кај граѓаните.
-Во Македонија не е проблем соживотот, туку животот е проблем. Живот нема заради тоа што младите еден по еден ни заминуваат, 600 000 граѓани заминале од Македонија, никој не заминува од арно, од средена правна држава во која има шанси за сите, затоа ние рековме ќе излеземе со План за живот овде во Македоија, за живот на вашите деца, внуци, за да можеме заедно да растеме и да уживаме во животот. – додаде Шеќеринска.
Во своеето обраќање лидерот на СДСМ Зоран Заев изрази уверување дека на 11-ти декември ќе се случи промена во Македонија и како што рече, ќе падне режимот. Додаде дека мултиетничка Македонија е иднината на земјата и дека времето на поделби е завршено.
-Мултиетничка Македија не е слабост туку предност. Ова се историски моменти кои заедно ги испишуваме, затоа што заврши времето на делби и поделби помеѓу нашиот народ, на села и градови, на партии, на етнички заедници, на социјални заедници, доаќа живот еднаков за сите. рече Заев.
Заев упати повик до граѓаните кои се уште немаат донесено одлука да се охрабрат и да ја поддржат опозициската коалиција.
-Упатувам порака до нашите сограѓани кои се уште уплашено молчат и се кријат дома. Еве не нас по плоштадите низ градовите, ја поплавивме Македонија, на сите страни баботи како во котел, сите го чекаат 11-ти декември, промените ќе се случат и тука нема бегање. Затоа без разлика дали земате плата од јавната администрација, дали чекате субвенции, социјална помош или имате фирма, фабрика, што и да е , ве предизвикуваме да застанете рамо до рамо со нас заедно да ја одбраниме Македонија, да го вратиме животот во оваа наша земја.-порача Заев.
Заев пред граѓаните истакна дека мора да се дознае вистината за тоа што се случувало во земјата за време на владеењето на актуелната политичка гарнитура.
-Народот мира да ја дознае вистината за убиството на Мартин Нешкоски и за убиството кај Смилковското Езеро. – рече Заев, додавајќи дека на народот му е јасно што се се’ случувало во земјата. „Промените се случуваат во Македонија, паѓа режим, се раѓа живот, а ние сме на вистинската страна“. -додаде Заев.
Лидерот на опозицијата упати апел до граѓаните да не подлегнуваат на притисоци и масовно да излезат на изборите на 11-ти декември и да ја поддржат опозицијата која, како што рече, има План за живот во Македонија.
OhridNews