Македонската фудбалска репрезентација од вчера е во Баку , каде утре во 17ч. го игра пријателскиот дуел со домашната селекција на Азербејџан. Селекторот Бобан Бабунски на вчерашниот тренинг на располагање имаше 17 играчи откако поради повреда откажа и фудбалерот на локалниот тим Нефчи, Игор Митревски.

Покрај Митревски повредите ги спречија да настапат во „најмилиот” дрес и Лазевски и Агим Ибраими. Сепак од Баку во нашиот табор истакнуваат дека атмосферата е добра, дека денеска ќе се тренира уште еднаш во терминот на натпреварот на Далга Арена. Меѓу оние кои сигурно со нетрпение го очекуваат овој натпревар е повратникот Томе Пачовски кој подолго време отсуствуваше поради повреда.


– Пресреќен сум што повторно сум во националниот тим. Последниве 6 месеци по повредата работев напорно за да се вратам во форма и нормално желба ми беше да го облечам повторно дресот на македонската репрезентација. Му благодарам на селекторот Бабунски што ме повика за овој натпревар. Се чувствувам целосно подготвен за настап. Имав добри подготовки во мојот клуб , ги одработив во целост и одлично се чувствувам. Овој натпревар е одлична можност и за Бабунски и за новиот селектор Тошак да ја проверат формата на искусните но и младите и талентирани играчи кои се повикани. Од она што го видов на тренинзите мислам дека се работи за мотивирани, талентирани и пред се што е важно темпераментни играчи и нормално среќен сум што на нашиот А-национален тим му претстои убава иднина.

– Атмосферата и покрај малата резултатска криза е одлична како и секогаш. Сите сериозно го сфаќаме овој натпревар и ќе го одиграме максимално концентрирано. Ова е посебен меч особено за мене бидејќи од мојот последен настам има точно една година и среќен сум што повторно сум со колегите од националниот тим- изјави за Веб сајтот Пачовски.