Митрополитот Дебарско – кичевски и администратор на Австралиско – сиднејската епархија на Македонската православна црква г.Тимотеј отпатува во Мелбурн, Австралија, каде беше пречекан од верници и претставници на македонските православни црковни општини и социјални друштва во државата Викторија.
Владиката Тимотеј ќе посети повеќе македонски православни општини низ Австралија. На 5-ти јануари тој ќе служи литургија по повод празникот Св. Наум Охридски во храмот Св. Наум во Аделаида, а на 7-ми јануари, прв ден Божик, со почеток во 9.30 часот по локално време, ќе чиноначалствува со архиерејската литургија во храмот Успение на Пресвета Богородица во Сидехам, Мелбурн.
По богослужбата ќе се освети новиот иконостас, рачно изработен во Охрид во длабока резба од ореово дрво, и ќе бидат осветени новите икони, насликани во старовизантиски стил од врвни македонски иконописци од Битола.
Во недела, втор ден Божик архиерејска литургија ќе има во храмот Св.Јован Крстител во Џелонг, а во понеделник, трет ден Божик, литургија ќе се одржи во Македонската Православна Црква Св.Георгиј и Пресвета Богородица во Епинг, во сослужение со ново поставениот свештеник Климент Станковски кој доаѓа од црквата Св.Петка од Скопје.
На предлог на митрополитот Тимотеј, во среда, 11-ти јануари, ќе се одржи Епархиско Собрание. Предвиденo e митрополитот Тимотеј да ги посети и Сиднеј, Камбера, Волонгог и Перт, каде исто така ќе одржи богослужби по повод претстојните празници, меѓу другото и за Водици.
OhridNews