По повод 1- ви април, Денот на македонските архиви и архивисти, Државниот архив на Република Северна Македонија, но и подрачните одделенија ги отвораат вратите за граѓаните. Посетителите ќе имаат можност да ги видат новите изданија што обработуваат теми од областа на историјата и архивистиката, како и изложбите посветени на значајни историски датуми, настани и личности со повеќе оригинални документи и фотографии.

Подрачното одделение на Државниот архив во Охрид е секогаш отворено за посетителите вели директорот на установата Никола Миторвиќ Бабе.

Покрај во Државниот архив во Скопје, отворени денови има и во сите подрачни одделенија во државата. Констатирам дека за Охридскиот архив секој ден е отворен, секој може да се обрати кога сака за да добие одредени информации за историјатот на архивот, одредени документи. Не е никаков проблем посетата да биде и во овие отворени денови за Архивот, но и вон тие денови, бидејќи се сметаме за отворена институција и добредојден е секој посетител.

Во склоп на одбележување на денот, планирана е и изложба која ќе претставува симбиоза на Денот на шегата и Денот на архивот.

Ќе бидат изложени фотографии на кои ќе може да видиме низ текот на времето како децата се маскирале, низ годините наназад во градот Охрид. Најверојатно, ако временските услови не се добри изложбата ќе биде во затворен простор на друга локација, а доколку има услови за на отворено истата ќе биде во дворот на Државниот архив, вели директорот на установата, Никола Митровиќ Бабе.

Самиот настан се предвидува да почне во 11 часот, а локацијата ќе биде дополнително објавена. Истиот ќе биде од отворен карактер, кој сака слободно може да дојде да ги разгледа тие интересни фотографии, па може и некој ќе се препознае на истите, додава Митровиќ.

Архивот е ризница на минатото, светилник на иднината, тоа самото укажува дека Архивот чува трајна документација која ја потврдува државноста, но и од приватен аспект огромен број на фондови кои имаат за цел да сведочат за минатото не само за охридското поднебје, туку и на целата држава, потенцира Митровиќ.

Н.С.Ј.