Глобалните случувања ќе влијаат врз компаниите што се во земјава, но и врз нивните одлуки каде и како да ги пласираат своите производи, оцени претседателот на Советот на странски инвеститори Виктор Мизо.
Царините што ги воведе Трамп имаат делумно влијание и тоа главно врз фирмите што извезуваат директно во САД, рече Мизо, посочувајќи дека евентуалните дополнителни 10 отсто за земјите од БРИКС што ги најави американскиот претседател, нема директно да се одразат врз глобалните текови, ниту врз странските бизниси кај нас зашто тие, пред се, работат за европскиот пазар.
Многу поголем ефект тука има врз компаниите што работат во автомобилската индустрија, каде крајниот европски производ треба да се извезува во САД. Од она што го гледаме, се уште за автомобилска индустрија, тие царини се 25 проценти. Тие, како што гледам, засега нема да се менуваат и тоа е индиректно влијание. Но, она што ние го гледаме не е толку локалната работна сила, туку многу повеќе, кои се случувањата на глобално ниво. Во однос на најавата за БРИКС, ако не се лажам, пред нецел месец, во Кина царинската стапка беше над 150 проценти. Тој баланс некако сега се воспостави помеѓу САД и Кина. Така да, сметам дека веднаш да мислиме дека ова директно ќе влијае врз глобалните текови, не. Тоа треба да има некој начин на урамнотежување што ќе се случи во следниот период. Но, тоа директно нема да влијае толку кон странските компании кај нас, бидејќи тие пред се, работат за европскиот пазар, подвлече Мизо, одговорајќи на новинарски прашања.
Мизо истакна дека многу е важно дали конфликтот во Украина ќе продолжи, како и односите, САД визави Кина, Европската Унија со Кина, бидејќи сето тоа, потенцираше ќе влијае директно на компаниите што се тука лоцирани и како и каде тие ќе ги пласираат своите производи.
Во поглед на работната сила најголем дел од компаниите од производствениот сектор, додаде Мизо, се справуваат со овој проблем, бидејќи ова не е нешто што се случува само оваа година.
OhridNews