Еден од најголемите проблеми во Македонија е немањето на мобилност на работа сила. Таа е многу присутна во Западна Европа и Северна Америка каде луѓето мигрираат од еден град во друг или од една обала во друга во случајот на САД. И ние успеавме и се уште успеваме да привлечеме кадар речиси од целата држава, вели Виктор Мизо, генерален директор на Костал Македонија, во поглед на предизвиците со кои се соочуваат компаниите за обезбедување на квалификувана работна сила.
Успеваме да привлечеме кадар посебно технички, донекаде финансиски и менаџерски кадар кој доаѓа, работи во Костал врз основа на сите оние програми, можности, но и видот на производството, технолошки-напредните системи кои ги произведуваме, бидејќи планираме во иднина да бидеме една од двете најважни локации на Костал во Европа, што значи дека овде ќе мора да имаме соодветен кадар за сите тие напредни технологии кои ќе бидат воведени или веќе се воведни кај нас, истакна Мизо.
Во компанијата неделава завршуваат со летната пракса девет технички лица кои студираат во трета или четврта година и секогаш, вели, очекувањата се тие идни млади инженери да се приклучат кон тимот во компанијата.
Кај нас во државава задолжителна пракса на технички науки мора да се воведе бидејќи само на тој начин тие млади идни инженери ќе научат кои се можностите и предизвиците, но и видот на работа. Креирање на работни места посебно во компании кои креираат додадена вредност без разлика дали се производствени компании или пак услужни, е важно за економскиот раст на државата, вели Мизо.
Според него вештачкото зголемување на минималната плата врз основа на политика не е најсоодветен начин, туку истото треба да се поврзе со зголемување на продуктивноста.
За кризата во автомобилската индустрија во Европа која трае веќе неколку години и ситуацијата во моментов, смета дека не е директно поврзана со царините на Трамп.
Кризата започна од Ковидот и се повеќе возила од Европа кои се продаваат се кинески брендови на возила и за истите, ние како европски произведувачи на компоненти, не сме релевантни. Тоа што можам да кажам е како врз основа на нашата гама на производи и тоа што е соодветно за електрични и плагин хибридни возила успеваме и понатаму да растеме. Во моментов броиме околу 1200 вработени.
Додава дека сега имаат повеќе потреба од кадар кој е поврзан со производствени активности, односно оператори во производство, бидејќи најголем дел од потребниот инженерски кадар го имаат.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска