Проблемот со чипови кој трае повеќе од една година, ситуацијата во Украина, проблемите кои произлегуваат од ковид мерките во Кина, пред сè во Шангај, ги погодуваат многу автомобилските компании пред сè во Европа и многу е важно да се знае начинот на кој сите ние би излегле заеднички од оваа криза, истакна денес Виктор Мизо, генерален директор на „Костал” Македонија.

Апсолутно руско-украинската криза влијае на автомобилската индустрија. Ако се земат предвид бројките од првите три месеци оваа година падот на производството и продажбите во Европа се драстични споредени со лани. Знаеме дека ситуацијата минатата година воопшто не беше добра, оваа година е дури и полошо. И во некои земји во Европа има ниво на продажба и производство кое не се паметат од крајот на шеесеттите години. Ова со кое во моментов се соочуваме е дното, може да биде само подобро во иднина, истакна Мизо.

Тоа што се случува во Украина, иако е многу лошо, потенцијално може да биде позитивно за нас, бидејќи дел од тоа производство на еден или друг начин може да стигне и до различни компании во Македонија, но треба да видиме како да бидеме активни во оваа насока, рече Мизо.

Треба ние активно да работиме, да соработуваме со Владата и државата да се изнајдат мерки, бидејќи пред сè важно е не само да ги задржиме сите овие работни места кои се креирани, туку дополнително и да ги обучиме и да најдеме начин како да излеземе појаки од кризата. Од почетокот на пандемијата до денес немаме отпуштено ниту еден вработен. Тоа што мора да се направи е адаптација од оптимизација на производството, што значи дека во одреден временски период можеби има користење на предвремен одмор или пак принуден одмор на ротациска основа на 70%, додаде Мизо.

Продолжуваме со програмата за поддршка на инвестиции кои вклучуваат и компании во автомобилскиот сектор истакна заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.

Не се намалени, туку напротив зголемен е фондот за компании кои влегуваат во инвестиции во овој период. Разговараме и за друг вид на поддршка за зачувување на работните места за не само во овој сектор, туку и во другите сектори кои се погодени. Веќе два месеци ги анализираме бројките и можеме да кажеме дека имаме некои први резултати од првиот квартал и ќе го земеме предвид, ќе видиме колку се вистински можностите буџетски во овој момент таму да се интервенира. Сметам дека секој вид на поддршка треба да се искористи на ефикасен начин, ако тоа на крај укаже дека ќе се задржи конкурентноста на секторот во нашата земја, а со тоа и економијата дека ќе биде поконкурентна, тоа треба да го направиме, додаде Битиќи.

Има излез од кризата само ако делуваме партнерски и солидарно и секако доколку паметно ги спроведуваме следните чекори, додаде генералниот директор на „Костал Македонија“ Виктор Мизо.

Н.С.Ј.