Ј.П.„Нискоградба“ одговорноста за сопствените проблеми треба да ја бара исклучиво кај себе, а не кај други, му порача раководството на МЈП „Проаква“ на директорот на новоформираното јавно претпријатие кое произлезе од поранешната работна единица Водовод.

Првиот човек на „Нискоградба“, Владо Цветковски,  денеска на прес конференција го обвини меѓуопштинското јавно претпријатие дека е одговорно за финансиските проблеми на новото јавно претпријатие, поради што тоа не може да им исплати  плата на вработените кои утрово стапија во штрајк, на што реагираше раководството на МЈП „Проаква“.

– Господине Цветкоски не може раководството на МЈП Проаква да биде виновно за штрајкот на вашите вработени. За штрајкот во кое и да било претпријатие природно е да биде одговорен самиот менаџер. Со бегање од одговорноста и барање виновници каде што ги нема, само уште повеќе си ја комплицирате ситуацијата во која се наоѓате. На денешниот состанок многу јасно Ви беше кажано, а еве и јавно ќе Ви потврдам дека Вие сте должни кон Проаква, а не таа кон Вас. По законите на секоја економска логика должниците имаат обврски, а не побарувања, се вели во демантот на тврдењата на раководителот на Ј.П. „Нискоградба“, што попладнево до медиумите го испрати директорот на МЈП Проаква, Игор Блажески.

OhridNews