Скопје треба да го прифати предлогот “Република Северна Македонија“ или слична формула со географска одредница како решение за спорот со името, повикува Меѓународната кризна група (МКГ), во својот најнов извештај.
 
Од организацијата сметаат дека ново прифатеното име треба да биде за сите употреби, со што ќе се одблокира приемот на земјата во НАТО и интеграцијата во Европската Унија.
 
Од друга страна, од МКГ препорачуваат Атина да ја прифати употребата на придавката „македонски“ од страна на северниот сосед.
 
„Атина треба да го признае националниот идентитет и јазик на својот северен сосед како ‘македонски’. Скопје треба да ја промени одлуката за именување на аеродромот според Александар Велики и да се откаже од слични потези што би ја провоцирале Атина, особено во контекст на проектот Скопје 2014“, се вели во извештајот на МКГ.
 
Од МКГ повикуваат и на подобрување на дијалогот во парламентот, преку редовни средби на кои ќе се разговара за важни домашни и меѓународни прашања. Од владата се бара да овозможи имплементација на законите, а правниот систем да е ослободен од политички влијанија. Во постигнувањето на овие цели, како што велат од МКГ, треба да помогнат и САД, ЕУ и другите меѓународни партнери.

OhridNews
извор: „Макфакс“