Восхитувачка интерпретација и музичка префинетост покажаа професионалните млади инструменталисти од Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ музицирајќи вчеравечер на „Охридско лето“.

Се работи за младински оркестар но со искусни музичари. Некои од нив веќе подолго свират во Македонската опера и балет и во Македонската филхармонија. Секогаш е прекрасно чувството да се работи со младина. Тие се секогаш подготвени, секогаш зрели. Годинава за публиката на „Охридско лето“ подготвивме одлична и интересна програма. Имавме еден вид натпревар помеѓу двајцата великани Антонио Вивалди и Астор Пјацола изведувајќи ги нивните годишни времиња, секој од својата доба. Имаше многу убава фузија на звуци. Репертоарот го завршивме со еден, би рекол, бисер на вечерта од нашиот композитор и уметник, Дамјан Темков. Композицијата носи наслов „За една драма“ или „За една дама“, кој како сака може да си ја протолкува. Верувам дека публиката уживаше, вели маестро Еминовиќ.

Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар, покрај делата од светската класика, свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори.
Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.
OhridNews











