Членови на  неколку младински организации од Охрид и Струга ќе земат учество на втората по ред „Годишна Конференција на Моделот на Обединети Нации во Македонија за 2012 година“. Конференцијата ќе се одржи денес во просториите на Економскиот Факултет при Универзитетот Гоце Делчев, во Штип.

-На конференцијата свое учество ќе земат 170 млади луѓе од: Прилеп, Битола, Кичево, Охрид, Струга, Гевгелија, Гостивар, Куманово, Крива Паланка, Кочани, Делчево, Берово, Радовиш, Штип, Велес и Скопје, групирани во 25 тимови, кои ќе имаат задача да симулираат ситуации за одредени реални светски теми- од трговија со луѓе до намалување на загадувањето во светот, a притоа во улога на делегати ќе треба да ги застапуваат ставовите на одделни земји членки, велат од Коалиција на младински организации ,,СЕГА”, која е организатор на конференцијата.


Оттаму појаснуваат дека конференцијата ќе биде еден вид на академска симулација на работата на Обединетите Нации преку своите земји членки, во Генералното собрание на ОН, Советот за безбедност, Економскиот и социјален совет, УНИЦЕФ, УНДП, Светската здравствена организација и Светската трговска организација.

-Основната цел на „Конференцијата на Македонскиот модел на ОН“ е да ги едуцира младите за општествено- тековните настани и дипломатијата во ОН . На конференцијата ќе се оценува: познавањето на темата, земјата која се преставува и организацијата на ОН, вештините и способностите за дебата и јавното говорење, но и начинот на облекување и односот спрема другите учесници. Секој тим ќе има по две теми за дебатирање ,за кои подоцна треба да донесе и резолуција, како највисок заклучок на ОН, нагласуваат од ,,СЕГА”.

Организирањето на Конференцијата е финансиски поддржано од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија.

OhridNews