По примерот на повеќе градови ширум земјава каде со години функционираат бројни здруженија за заштита, помош и вдомување на животните, околу еден месец во Охрид опстојува фејсбук групата „Анималиа“, создадена од четири млади активисти. Иако се уште не се регистрирани како официјално здружение, нашите сограѓанки без никаква поддршка од институциите својата хуманост ја покажуваат низ охридските улици, пружејќи им помош, заштита, лекување и вдомување на уличните животни.


Еден од основачите на „Анималиа“ е охриѓанката Христина Стевановска, која вели дека идејата првенствено доаѓа од искрената љубов кон животинскиот свет.

Моментално групата брои четири активисти и неколку членови кои ни помагаат околу чувањето и вдомувањето на животните. Охрид на еден начин е запуштен, а по улиците можат да се сретнат голем број на улични кучиња и мачки. Од друга страна, постојат луѓе кои се плашат и имаат фобија од животните, и од таа гледна точка сакаме да помогнеме градот да стане подобро место за живеење.“ – вели Стевановска.


Иако во централното градско подрачје од поодамна е решен проблемот со уличните животни, сепак во подалечните населби можат да се забележат голем број на кучиња и мачки, на кои им е потребна помош.

Во периферните населби како Видобишта и Далјан се среќаваат повеќе напуштени животни, но воглавно ги има насекаде. Процесот се одвива со тоа што најпрво го земаме животното, го прочистуваме и капиме, соодветно го нахрануваме, а потоа определен период го чуваме кај нас додека не најдеме соодветна личност која ќе го вдоми. По улиците среќаваме мачки со очни и ушни инфекции, трудни кучиња, потоа повредени и со длабоки осекотини, а неретко потребни се доилки за малите мачиња. Во секој случај, потребно е да се соработува со охридските ветеринари, кои се надеваме дека ќе ни излезат во пресрет.“ – додава Стевановска.


Таа вели дека освен од родителите, другарите и останатите македонски здруженија со слична намена, поддршката од граѓаните и локалните институциите изостанува.

Потребна е поддршка не само од нашите сограѓани, туку и од надлежните институции, со цел свеста за бездомните животни да се зголеми. Финансиите се на наш грб, а во подалечните места не превезуваат блиските. Концептот за понатаму е групата да се прошири, да добие повеќе членови и да се регистрира како здружение. Во моментов размислуваме за нејзина промоција. Сакаме да издејствуваме да добиеме соодветен простор/стационар, каде ќе можеме да ги чуваме животните додека не најдат сопствен дом. Контакти остваруваме со скопското здружение Анима Мунди, како и тие во Куманово и Струга.“ – додава нашата сограѓанка.


Стевановска истакнува дека иако „Анималиа“ опстојува само еден месец, се почесто се контактирани од луѓе кои бараат да вдомат улично животно.

Пред извесен период, човек од Скопје по предлог на Анима Мунди не исконтактира за вдомување на мало кученце, кое се наоѓаше на плажата Градиште. Кученцето го зедовме и моментално се наоѓа кај нашата активиска Маријана, а за еден месец ќе го превеземе до Скопје. “ – истакнува Стевановска.


Сите хумани луѓе кои се заинтересирани да им помогнат на охридските ентузијасти, можат да ги исконтактираат на групата „Анималиа“, на социјалната мрежа Фејсбук.

Сакаме да порачаме до сите хумани луѓе да вдомат животно, да се грижат за животните, бидејќи на некој начин животните носат среќа во домот. Да го направиме Охрид едно подобро место за живеење.“ – додава Стевановска.