Сослушувањето на Ратко Младиќ, обвинет за геноцид и други воени злосторства, заврши вчера. Младиќ одби да го прими обвинението на Хашкиот трибунал.

„Вие го биравте Милошевиќ, не јас, кој ви е крив“ рекол Младиќ на сослушувањето. Лекарите претходно процениле дека обвинетиот е способен за сослушување, а тоа го потврдил и самиот Ратко Младиќ. Раката веќе не му се тресела и зборувал посмирено.

Заменик-обвинителот за воени злосторства Бруно Векариќ рече дека Младиќ би требало да биде префрлен во Хашкиот трибунал најдоцна за седум дена и дека е важно постапката за екстрадиција да се спроведе на  соодветен начин во рамките на законите.

„Важно неговиот идентитет е утврден. Сè зависи од неговата одбрана, дали ќе поднесува жалби, но максималниот рок е седум дена“ рече Векариќ.

Според него, Младиќ по апсењето и во притвор не поставувал посебни услови, тој е под надзор на лекарите, а истражниот судија се потрудил да му излезе него и на неговото семејство во пресрет.

Преземени се и посебни мерки за да се спречи евентуален обид за самоубиство. Со себе не можел да носи наочари, а лекови земал под контрола. Кога ги забележал овие мерки Младиќ рекол „Зошто се плашите дека ќе се убијам, нема Младиќ на Младиќ да крене рака“. Повремено бил дрзок, па сам ја бирал столицата на која ќе седи во текот на сослушувањето и носел качкет цело време.

Адвокатот Милош Шаљиќ, застапникот на Младиќ, синоќа рекол дека неговиот клиент тешко зборува дека тешко се движи и дека на сослушувањето дошол со полна ќеса лекови.

Адвокатот изјавил дека Младиќ ги игнорирал прашањата на судијата и се вртел кон Бруно Веќариќ кој очигледно му бил многу антипатичен и коментирал за неговата брада.

OhridNews
извор: „Макфакс“