По повод три години од своето отворање, Младински Центар Охрид ќе одржи свечено одбележување на среда, 15ти октомври 2025 година, со почеток во 12:30 часот, во просториите на Центарот (поранешна Касарна, Охрид).
Настанот ќе биде посветен на прегледот на досегашната работа на Центарот, кој од своето отворање во октомври 2022 година стана препознатливо место за младинска енергија, креативност и учество. Преку кратка презентација ќе бидат прикажани најзначајните активности, проекти и соработки реализирани во изминатите три години, како и лични впечатоци од партнери, организации и млади кои беа дел од програмите, велат од Младински Центар Охрид.
Свечениот дел ќе биде збогатен со музички настап и пригоден коктел, во духот на заедништво и благодарност кон сите кои го поддржуваат развојот на младинската сцена во Охрид.
Во изминатите три години, посочуваат, Младински Центар Охрид реализираше повеќе од 400 настани и активности, работеше со стотици млади од Охрид и регионот, и воспостави широка мрежа на локални и меѓународни партнери. Центарот континуирано ги поддржува младите во развојот на нивните вештини, идеи и ангажман во заедницата, а воедно претставува и простор каде тие се чувствуваат прифатени и охрабрени да создаваат промени.
Настанот е отворен за медиуми и јавноста, а присуството претставува поддршка за сите млади луѓе, организации и волонтери кои придонесоа Младински Центар Охрид да се развие во она што е денес – Центар на младинска иницијатива и инспирација, додаваат.
OhridNews