Со свеченост што ќе се одржи вечерва, Младинскиот центар Струга – Форум Цивилен мировен сервис (форумЗФД) ќе прослави една година од своите напори за зајакнување на меѓуетничкиот дијалог во Струга и Кичево, и истовремено официјално ќе ја отвори локалната канцеларија во Струга.

Проектната канцеларија ќе ја отвори претставникот на Сојузното Министерство за економска соработка и развој, од Секторот за Цивилен мировен сервис, Екхард Волкман, а на свеченоста уште ќе обратат Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко и заменик-амбасадорот на С.Р. Германија во Македонија, Валтер Лојшс, по што ќе уследи презентација на досегашната работа на младинските центри во Струга и Кичево, кои се дел од проектот кој Форум ЦМС го реализира во овој регион.

ФорумЦМС е коалиција на преку четириесет мировни организации во Германија, која беше формирана во 1990тите, како реакција на војните во поранешна Југославија. Денес, форумЦМС ја спроведува мировната програма на германската влада, која е креирана на тој начин да ги поттикнува локалните мировни процеси и да ја зајакне трансформацијата на граѓанските конфликти. ФорумЦМС има канцеларии во земјите од Западен Балкан, во Израел, Палестина, Либан и во Филипините и придонесува за обезбедување и одржување на мирот во овие земји.

Во Македонија, форумЦМС се фокусира на меѓуетничките односи на младите во училиштата, преку негување на мултиетничко образование и воведување на методи за трансформација на конфликтите, како што се ненасилна комуникација и медијација.

Во Струга и Кичево, форумЦМС, заедно со своите локални партнер-организации Младинска Организација Алтернатива – Струга и Центар за развој на заедницата – Кичево, значително придонесе за зајакнување на меѓуетничките односи на младите во основните и средните училишта. Во соработка со УНИЦЕФ, основани беа мултиетнички младински центри, кои секоја недела ги посетуваат преку сто деца и млади.

OhridNews