Последиците од иселувањето во Охрид, кое зема загрижувачки размери, се повеќе се чувствуваат во сите сфери. Овој негативен тренд во Охрид е присутен долги години, а особено се забележува вон туристичката сезона, кога градот е речиси полупразен.
-Очигледно е дека е така, тоа е забележливо. Охрид се сведе да биде само туристички центар и надвор од туристичката сезона луѓето нема што да прават овдека. Театарот година дена не работеше, нема други активности и луѓето, а посебно младите, си бараат подобро место за живеење.- ни изјави охриѓанка.
Од Охрид во главно се иселуваат млади и работоспособни луѓе, поради што градот се соочува со недостиг на работна сила, дури и во туризмот, иако средното угостителско училиште и Факултетот за туризам постојано продуцираат нови кадри. Според стручњаците за да се намали негативниот тренд неопходно е во сите сфери да се работи на подобрување на условите за живот преку зголемување на вработувањата и почитување на принципите на стручност и компетентност.
-Механизмите за задржување се доста скромни. Ние мора да сметаме на општ општествен економски развој, не само во општината туку и во регионот, врз таа основа може да пледираме на задржување на нашите стручњаци од нашата проблематика и од другите професии во охридскиот регион.-вели проф. Д-р Науме Мариноски од Факултетот за туризам во Охрид.
Тој смета дека е многу проблематично да се прогнозира до какви последици би дошло доколку овој тренд продолжи, но и дека сите чинители се свесни за проблемот и ќе направат исчекори за да се спречи иселувањето и да се овозможи враќање на оние што се отселиле.
Проф. Д-р Науме Мариноски – ФТУ Охрид
Градските власти причината за иселувањето од Охрид ја гледаат во уништеното стопанството изминатите две децении кога беа затворени речиси сите фабрики во градот.
-Основен предизвик е отварање на нови работни места. Сигурни сме дека крајниот бенефит во однос на популационата политика ќе дојде во оној момент кога во Охрид ќе почнеме да зборуваме за отворање на нови фабрики, вработувања, така ќе се формираат нови семејства и на тој начин ќе се зголеми и бројот на новородени деца.-вели Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.
Димитар Спасески – секретар на општина Охрид
Тој смета дека состојбите ќе се променат со започнување со работа на индустриската зона Мауцкер и технолошката развојна зона Охрид – Струга, каде наскоро своја фабрика ќе отвори германската компанија ОДВ електрик, која се очекува да креира најмалку 1000 нови работни места во наредните 3 години.
-Сето тоа со новите содржини кои што ќе ги добие Охрид пред се изградбата на нов автопат, изградбата на нови индустриски капацитети веруваме ќе придонесат да се случи процес на враќање на охриѓани назад, бидејќи на секој му е поубаво да живее во градот од каде што потекнува. –изјави Спасески.
Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика во 2013 година од Охрид се иселиле 766 граѓани, од кои 534 во странски држави. Следат Гостивар и Битола со 305, односно 304, Велес со 244. Се стравува дека бројот на иселени лица е многу поголем од официјалните статистички податоци, затоа што многу граѓани заминунуваат во странство без да се одјават или со патни исправи од друга држава. Проблемот сериозно се чувствува во охридските училишта каде од година во година се намалува бројот на првачиња, поради што тие се принудени да формираат паралелки со помал број ученици од законски потребниот минимум.
Г.М.