Помладата генерација Холанѓани, годинава, позаинтересирани за посета на Македонија и Охрид, отколку повозрасните кои традиционално доаѓаат во нашата земја. Ова е впечатокот од саемското претставување на туризмот на Македонија во Утрехт, Холандија, каде Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја промовираше туристичката понуда на земјава.

Фокусот на младите Холанѓани е насочен на активности и авантура, а посебно велосипедизам, пешачки тури и планинарење. Кампингот и подолгиот одмор на една дестинација е специфика на оваа нација која се повеќе се ориентира кон Македонија.

Саемот во Утрехт е еден од најголемите саеми во Европа кој овозможува вмрежување и полесна размена на контакти со скоро сите земји од светот. За време на саемот за туризам, делегација на Агенцијата за туризам оствари средба со бројни тур-оператори од Холандија, кои најавија тури за Македонија уште оваа пролет.

Најголемите тур-оператори кои скоро една декада носат туристи во Македонија – ТУИ и Корендон, изразија задоволство од соработката со земјава и регистрираа пораст на бројот на туристи за почетокот на 2017та година од скоро 10%, во одност на истиот период минатата година.

OhridNews