По повод 12-ти август, меѓународниот ден на младите, Советот на млади при Општина Охрид, денеска одржа свечена седница. Младите од локалниот совет и останатите ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев кој истакна дека младите се носители на напредокот, науката, технологијата, знаењето, но и дека тие треба повеќе да се борат за лидерски позиции во општеството.
– Младите мораат да се слушаат многу почесто и многу погласно, зборувањето да не се сведува на постојано негодување и несогласување со донесени одлуки, туку со предлози, идеи и зборување, не со сила, туку со аргументи, не со страв туку со храброст, со знаење- потенцира Јанев и посочи дека младите мора ноќниот живот да го заменуваат со денски, барањето вработување да го заменат со барање на работа, имањето на диплома да значи поседување на знаење – пракса, желбата за поубаво некаде далеку – на друго место, да се замени со желба за овде, помеѓу сличните на себе, во Охрид, во Македонија.
– Најдете начини да потсетувате што сакате од ова општество и од себеси а не што НЕ сакате, што сакате но и како до тоа што го сакате. Во природата, родителот го учи детето, ама родителот и учи од детето. Македонија Ве учи сите Вас, но Македонија и учи од Вас, порача на крајот од своето обраќање заменик градоначалникот на Охрид.
На средбата меѓу другото, членовите на Советот ја разгледаа информацијата за прибирање нови членови во ова локално тело, изработка на квартален план за активности на советот, а дискутираа и околу “Урбаниот ѕид“ што е проект на Владата на Република Македонија.
OhridNews