Учениците имаа можност да ја доближат сопствената визија низ нивните секојдневни примери, другарувањето како во училиштето, така и надвор од него. Од страна на едукатори – волонтери во Младински совет, беа презентирани видовите дроги и преку делење на едукативно-пропагандни материјали – флаери за дрога беа нагласени физичките и психичките последици кои ги предизвикува дрогата. Посебен акцент беше ставен на зависноста како една трајна состојба која го променува однесувањето на корисниците.
– Во групи, преку читање на вистинити приказни за лица кои ја користеле дрогата, се продлабочија нивните сознанија за постоењето на дрогите и последиците по здравјето на човекот. Беа извлечени поуки, дека дрогата убива и дека има многу начини преку кои е возможно таа да им се подметне, и тоа да ги одведе во неволја. Посебно им беше нагласено дека треба да бидат критични кон сето она што им се нуди и пред се да ги земат во предвид и другите аспекти на нештата. Низ отворената комуникација и соработката да изградат сопствен став и самостојност, велат од МСО.
Циклусот работилници се спроведоја во текот на месец март, како дел од програмата за ЗДРАВСТВО И ПРЕВЕНЦИЈА на МСО. Одржани беа во 8 основни училишта во општина Охрид и селата Лескоец, Пештани и Велгошти, а во нив учествуваа вкупно 440 ученици од седмо одделение. Целта на овие едукативни работилници беше да се испита критичкото мислење на учениците низ презентација и дискусија за дрогата и нејзиното штетно влијание.