Иако свесноста за сексуалност кај децата на возраст од 14 години постои, тие се плашат отворено да дискутираат за тоа. Тоа особено може да се забележи во албанските и турските паралелки во кои чувството на срам е поизразено кај женската популација, што веројатно зависи од семејниот начин на воспитување и религиската определеност што ги прави да се чувствуваат поинфериорни и извесни стереотипи да ги прикриваат. Значајно влијание има и двојниот стандард – сексуалноста е стимулирана кај момчињата и спречувана кај девојчињата, меѓутоа бегството од другите и сексуалната инхибиција можат да доведат до регрес во развојот, нарушувајќи ја виталната потреба за сигурност и самодоверба. Ова е наведено во заклучоците по завршената работилница за заштита на  репродуктивното здравје и сексуалност, која од страна на Младински Совет Охрид, се реализираше во текот на изминатите два месеци. Реализирани се 14 работилници, а опфатени се точно 400 млади.
   
Од МСО нагласуваат дека сепак интересот за познавање на сексуалното здравје е голем, и учениците подобро учат кога тоа ќе им се прикаже, кога можат да го видат и меѓусебе да ги споделат своите сознанија. Мислењето на нивните врсници особено им е важно и претставува средство за преминување кон незвисност. Доживувањето на себеси како сексуални битија, нивното соочување со сексуалните потреби и воспитување на интимните хетеросексуални врски се значајни за половиот идентитет.

Работилниците се реализираа како дел од програмата за ЗДРАВСТВО И ПРЕВЕНЦИЈА, што Младински Совет Охрид, ја реализира четврта година по ред, а во реализацијата беа вклучени 14 едукатори, по двајца од секое училиште, вклучени во програмата, а со младите работеше Јасмина Јовческа – Дипломиран психолог, волонтер во Младински Совет.

OhridNews